Летонија ќе биде 18-та членка во еврозоната
5 јуни 2013ЕЦБ, и покрај извесните задршки, смета дека Летониjа е „зрела“ за прием во монетарната унија на ЕУ. Малата балтичка држава со околу два милиона жители ги исполнува сите мастришки критериуми, пишува Европската централна банка во извештајот објавен во Франкфурт. Кога земјата ќе го воведе еврото, ќе стане 18-та членка на еврозоната.
Како што се дознава од извори на ЕЦБ, пристапот на Летонија кон Еврогрупата се толкува позитивно. Владата во Рига покажа висока флексибилност и голема подготвеност за реформи. Mеѓутоа постои и загриженост, на пример поради инфлацијата, предупредува ЕЦБ. Бидејќи нивото на цените и приходот по глава на жител се пониски од просекот во евро-просторот, среднорочно може да се пчекува повисок раст на цените отколку во монетарната унија во целина.
Во последните 12 месеци инфлацијата навистина е ниска, во просек 1,3 проценти, далеку под границата од 2,7 насто. Земјата засега се придржува и на останатите критериуми од Мастрихт, државното задолжување во 2012 година беше 40,7 проценти од БДП, а дозволени се 60 насто. Дефицитот изнесуваше 1,2 прпценти од БДП, иако се дозволени 3 проценти.
ЕЦБ сепак ја предупреди Рига на натамошна консолидација на буџетот. Освен тоа, земјата треба да изврши реформа на пазарот на трудот, поради висока невработеност во одредени, а недостаток на работна сила во други сектори. Се‘ уште е голема и сивата економија. Слично како и во Кипар, ЕЦБ гледа опасност од летонскиот банкарски систем за финансиската стабилност - во поглед на рефинансирањето, летонските банки се силно зависни од странство, пред се‘ од Русија.