1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либанската влада ја откажа посетата на Рајс!

30 јули 2006

Тоа е израз на протест поради израелско бомбардирање на селото Кана со десетици цивилни жртви, од кои половината се деца

https://p.dw.com/p/AdzF
Фуад Синиора
Фуад СиниораФотографија: picture-alliance

Тешкото бомбардирање на селото Кана од страна на израелското воено воздухопловство предизвика остра реакција на либанската влада. Премиерот Фуад Синиора рече дека нема да преговара, ако не настапи итен и безусловен прекин на огнот. Тој побара и меѓународна истрага за, како што рече, „израелскиот масакр“. Според наводите на либанската влада, откажана била планираната посета на Бејрут на американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт, пак, изјави дека не му се брза со постигнување согласност за примирје. Синоќа тој разговараше со Кондолиза Рајс околу можното испраќање меѓународни мировни трупи на југот на Либан. Нејзиниот главен советник Џејмс Џефри за карактерот на тие сили вели: „Тоа не се интервенционистички трупи кои би требало повторно да воспостават мир, туку сили кои можат да помогнат за контрола на редот, воспоставен со примирје“.

Рајс, според информации на весникот „Једиот Ахронот“, не инсистирала кај Олмерт на моментен прекин на огнот во речиси тринеделниот воен конфликт. Соговорниците биле согласни дека предуслов за примирје е ослободување на двајцата израелски војници киднапирани од радикално-исламистичката организација Хезболах.

Рајс, која по втор пат во рок од една недела е на Блискиот исток во напорите за смирување на конфликтот во Либан, денеска ќе разговара и со израелската колешка по функција Ципи Ливни.