1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либиски тајни документи со експлозивен потенцијал

4 септември 2011

Повеќе западни тајни служби тесно соработувале со режимот на либискиот властодржец Моамер Гадафи. На виделина излегуваат се‘ повеќе детали. Дали имало и колкава била соработката на германските тајни служби со Триполи?

https://p.dw.com/p/12SmR
Фотографија: picture alliance/dpa

Германските тајни служби во 1990-те години добивале информации од режимот во Триполи. Тоа го потврди и поранешниот координатор на тајните служби, Бернд Шмидбауер. Шмидбауер за весникот „Билд ам Зонтаг“ изјави дека  информациите од тајната служба на либискиот властодржец Моамер Гадафи првенствено биле во рамките на антитерористичката борба и со тоа од интерес за безбедноста на Германија. Шмидбауер, кој од 1991 до 1998 година беше државен секретар во владата, тврди дека не постоеле заеднички акции на германската и на либиската тајна служба.

Но, ЦИА и други западни тајни служби имале тесни контакти со долгогодишниот режим на Гадафи, произлегува од откриените документи во Триполи. Организацијата за заштита на човековите права Хјуман рајст воч, повикувајќи се на документите пронајдени во поранешната централа на либиската тајна служба во Триполи, зборува за многу блиска соработка.

ЦИА и МИ6 соработувале со Гадафи на редовна основа

ЦИА на пример на испитување во Либија испраќала лица осомничени за тероризам. Станува збор за распити по кои Либија беше позната и за време на кои испитуваните личност се малтретираат. На некои од испитувањата дури биле присутни и агенти на ЦИА. Хјуман рајст воч зборува за „темно поглавие“ во историјата на американската тајна служба. Портпаролот на ЦИА пак во Вашингтон одби коментар. ЦИА соработува со странските влади заради заштита на САД од смртоносните закани и од тероризмот, изјави портпаролот Џенифер Јунгблуд.

Освен ЦИА, и британската тајна служба МИ-6 соработувала со либискиот режим и меѓу другото за него проверувала телефонски броеви.

Соработката со Либија била интензивирана откако Моамер ел Гадафи официјално се одрекол од оружјето за масовно уништување.

Весникот „Вол стрит џурнал“, претходно објави текст за тесна соработка на режимот на Гадафи со американската тајна служба за време на претседателствувањето со САД на Џорџ Буш помладиот. И весникот се повика на документите пронајдени во канцеларијата на поранешниот шеф на либиската тајна служба Муса Куса.

Libyen Rebell mit Gewehr
Фотографија: picture alliance/dpa

Бунтовниците во освојување на Бани Валид

Бунтовничките сили во Либија пак во меѓувреме спроведуваат операција за ослободување на градот Бани Валид, едно од последните упоришта на поддржувачите на Моамер Гадафи.

Бани Валид се наоѓа на околу 150 километри југоисточно од либискиот главен град Триполи е се шпекулира дека можеби токму таму се крие Гадафи.

Потпаролот на Гадафи, Муса Ибархим за новинската агенција Ројтерс изјави дека не верува оти Бани Валид ќе се предаде затоа што доминантното население како дел од племенската заедница Варфала се‘ уште се лојални на Гадафи. Силите на Преодниот национален совет на Либија соопштија дека напредуваат и кон стратегиските места, родниот град на Гадафи, Сирт и Сабха.

Автор: ЖА/СН/дв/дпа

Редактор: Симе Недевски

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема