1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија: Сепак е за нафтата?

12 август 2011

За разлика од Тунис и Египет, Западот брзо и тоа воено се вклучи во конфликтот во Либија и бара промена на режимот. Гадафи обвинува дека тоа е нов обид на Западот да стекне контрола над либиската нафта. Каде е вистината?

https://p.dw.com/p/12EzM
Рафинерија кај градот Брега во ЛибијаФотографија: AP

Беше навистина вчудовидувачки колку бргу Западот по избувнувањето на револтот во Либија, го крена гласот. Пред се’ Франција. Тоа мораше да изненади, со оглед дека во случајот на Тунис Франција се однесуваше сосема поинаку. Имено најнапред беше дури и понудена поддршка за претседателот Бен Али. А потоа во случајот на Либија Франција играше предводничка улога и ги призна како прва европска земја институциите на бунтовниците. Наводно требаше да се исправи грешката, што беше направена во Тунис. Но беше ли ставот на Франција само политички мотивиран или улога одиграа и економските интереси?

„Францускиот претседател Саркози беше многу лут. Тој претходно во Париз го прими Гадафи со голема помпа и беа склучени бројни економски договори. На крајот Гадафи кон некои од нив како на пример во случајот со испораката на воени авиони не се придржуваше. И наместо тоа ги нарача од Русите“, вели експертот за Либија, Алфред Хакенсбергер.

NATO Luftangriffe auf Tripolis Libyen Feuer
Нападите на НАТО авионите во Либија траат веќе неколку месециФотографија: picture alliance/dpa

Русија во случајот со Либија следи исти интереси како и Западот

Економските интереси би можеле да бидат и причината за пријателскиот став на Русија кон режимот на Гадафи, при гласањето за резолуцијата 173 за Либија во Советот за безбедност на ОН. Имено руската државна фирма за извоз на оружје во изминатите години склучи договори со Либија во вредност од две милијарди долари. Станува збор за испораки на тенкови, борбени и транспортни авиони.

Луис Мартинез, директор на Центарот за меѓународни студии ЦЕРИ во Париз го објаснува рускиот став: „Русија стравува дека ќе го загуби главниот муштерија за испораки на оружје. Се стравува и дека проектите на Гаспром ќе бидат доведени во прашање. За Москва Либија е како мал Ирак, кој купил многу оружје и ги следел истите интереси“.

Но, за Русија тука станува збор за многу повеќе отколку само за испораки на оружје. Имено многу ветувачки изгледа и нафтениот бизнис со Либија. Уште во 2007 година, рускиот државен енергетски концерн Гаспром откупи од италијанскиот пандан ЕНИ лиценци за експлоатација на нафтените полиња во либиската пустина.

Libyen Ölpreise Öltanker bei Zawiya
Танкер со нафта во пристаништето на либискиот град ЗавијаФотографија: dapd

Загаточно постапување на Италија

ЕНИ е најголемиот производител на нафта и инеститор во Либија и пред конфликтот произведуваше околу една четвртина од вкупното количество нафта од 1,6 милиони барели на ден.

ЕНИ во 2007 година склучи договор со либиската влада во вредност од преку 28 милијарди долари и доплати како бонус уште една милијарда за да си ги осигура концесиите за експлоатација на нафта до 2042 година. Зошто Италија пак му се приклучи на НАТО во операцијата против Гадафи, Мартинез не може да објасни: „Со ова прашање уште долго ќе се занимаваат историчарите. Што всушност се случи?. Италија на големо го славеше потпишувањето на Договорот за пријателство со Либија во 2008 година а потоа ги стави на располагање своите воени бази за авионите на НАТО’

Причините за тоа би можеле да се кријат во неатрактивните услови за нафтените концесии кои либиската влада им ги наметна на ЕНИ и на другите нафтени концерни.

Libyen Ölpreise Ölraffinerie in Zawiya
Рафинерија во градот ЗавијаФотографија: dapd

Бомбардирање за поприфатливи нафтени концесии

Американскиот весник Вол Стрит Журнал во април година пишуваше дека западните нафтени компании уште пред избувнувањето на бунтот се простиле од Либија. Претходно веднаш по укинувањето на меѓународните санкции во 2003 година Либија најнапред доживеа вистинска трка на нафтените концерни за концесиите за експлоатација на нафта. Конкуренцијата беше толу голема, така што државната нафтена компанија НОК можеше да си дозволи, да воведе строг систем на нивно издавање. Со него Либија побаруваше 90 проценти од приходот иако нафтените концерни мораа да вложат милиони во потрагата по нафта.

Подобриот пристап кон нафтата и поприфатливите услови за добивање концесии за многу набљудувачи се всушност вистинската цел на војната. Еден од нив е и Алфтед Хакенсбергер: „Земјите од НАТО не се ангажираат доброволно за да ја инсталираат демократијата во Либија. Таму станува збор за интереси, нафтени ресурси за влијание и моќ. Голем победник веројатно ќе биде Катар, кој безуслобно им помогна на бунтовниците, а тие веќе кажаа дека кој им помага ќе биде земен предвид при доделувањето на нови договори за експлоатација на нафта.“

Libyen Bürgerkrieg Rebellen
Од бунтовниците се очекуваат поповолни договори за експлоатација на нафта?Фотографија: picture-alliance/dpa

Војна за нафтените пристаништа и рафинерии

И при борбата меѓу бунтовниците и милициите на Гадафи станува збор за контролата над нафтените пристаништа и рафинериите, зашто кој ги контролира нив го има главниот збор во земјата. И понатаму да се потпираат на властодржецот Гадафи за нафтените концерни и земјите од кои потекнуваат е ризично зашто повеќето пристаништа и рафинерии се наоѓаат на истокот на земјата, таму каде контролата ја имаат бунтовниците.

Нивните изјави меѓутоа не се никаква гаранција, вели либискиот опозиционер Есануси Бзикеири: „Секоја обврска што ја превзема Преодниот совет може да биде само привремена, бидејќи советот е всушност привремен. Тоа особено се однесува на нафтата, бидејќи ситуацијата во оваа област се’ уште не е организирана“.

Но се’ едно како бунтовниците во иднина ќе ја распределуваат нафтата, прредизвиците за демократијата во Либија секогаш ќе бидат одредувани преку праведната распределба на добивките од нејзината продажба. Доколку делови од земјата, како во времето на Гадафи повторно бидат запоставени, повторно би можела да се отлетка спиралата на насилство.

Автор: Лина Хофман/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска