1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либијците прогонија салафисти

А.Трајковска / дпа/ дапд/ афп22 септември 2012

Радикално исламиситичка милиција го поттикнала крвавиот упад во американскиот конзулат во Бенгази пред една недела. Демонстрантите сега ги прогонија борците од градот.

https://p.dw.com/p/16Cdz
Фотографија: Reuters

По демонстрациите на кои присуствуваа најмалку 20.000 жители на Бенгази повеќе стотици луѓе навлегоа во касарната каде беше главното седиште на групата салафисти Ансар ал Шарија. Демонстрaнтите потоа го запалија објектот. Повеќемина го загубија животот, а голем број се повредени.

Постои сомневање дека милицијата Ансар ал Шарија е одговорна за смртоносниот напад врз американскиот амбасадор Крис Стивенс и други Американци на 11. септември. Стивенс престојувал во конзулатот во Бенгази на истокот на Либија, кога екстремисти, протестирајќи поради антиисламското видео продуцирано во САД, го нападнаа конзулатот. Стивенс, тројца дипломати и повеќемина либиски сили за безбедност притоа го загубија животот.

Минатиот четврток владата на САД за првпат го означи нападот врз конзулатот пред десет дена како терористички чин. Очигледно убиството на амбасадорот Стивенс оди на сметка на терористите, изјави владиниот портпарол Џеј Карни во Вашингтон. Истражните органи досега меѓутоа немаат индиции дека се работи за одамна планиран терористички чин на годишнината од нападите на 11. септември 2001 година, дополни Карни. Сторителите веројатно ја искористиле моменталната ситуација. Точните околности ќе ги утврдува американска истражна комисија.

Протести против милициите

При масовните демонстрации во Бенгази граѓаните бараа да се преземат одлучни мерки против милициите, кои речиси една година по падот на диктаторот Моамер ел-Гадафи и натаму се активни во Либија и делумно имаат поголема власт од силите за безбедност на владата. Според податоци на очевидците, тие дури ги контролирале минувачите на улиците. Демонстрантите скандираа „Не за милициите“ и носеа таблички со натписи :„Каде е војската? каде е полицијата?“ или „Бенгази е во стапица“. Во Либија се’ уште се активни голем број милиции, кои делумно се подобро вооружени отколку официјалните сили за безбедност.