1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лига на шампионите: елиминиран и Баерн

Зоран Јордановски9 март 2006

Последниот од трите германски претставници годинава поразен од Милан со 4 спрема 1. Меѓу најдобрите 8 ги нема ни бранителот на титулата Ливерпул, ниту славниот Реал (М)

https://p.dw.com/p/AejA
Оливер Кан по 4-от примен гол
Оливер Кан по 4-от примен голФотографија: AP

Трет италијанско-германски дуел во рок од една недела и трет пораз на Германците, втор со иста мерка: како и репрезентацијата претходната среда, синоќа и Баерн доби слична фудбалска лекција и е совладан со истиот резултат. Дури и текот на натпреварот беше сличен.

Милан рано поведе, веќе во 9-тата минута, преку Пипо Инзаги (навистина од офсајд-позиција), потоа Шевченко не искористи пенал – го промаши голот, но веќе во наредната минута тој од игра наголеми на 2 спрема 0. Во 35-тата минута зрак на надеж за Баерн: голманот на Милан Дида само кратко одби силен удар на Швајнштајгер од далечина, а Исмаел ја уфрли топката во голот. Но, до пресврт во играта на Баерн не дојде: на Инзаги во 47-та минута несмасната одбрана на Баерн му подготви шанса, што тој ја реализира, а 12 минути подоцна Кака по соло пробив со силен удар го постигна четвртиот гол. Куриозитет е дека Милан постигна 4 погодоци од вкупно пет удари на гол во текот на целата средба!

Баерн веќе 17 години нема победено во Италија. Синоќешниот беше негов највисок пораз во Лигата на шампионите за речиси 11 последни години, и тоа токму на стадионот на кој пред 5 години го освои пехарот во истово натпреварување. „Ова што го доживеавме овде несомнено беше дебакл, голема бламажа, оти во ниеден момент всушност не се снајдовме во играта“ – оцени претседателот на Управниот одбор на Баерн Карл-Ханјц Румениге. Што преостанува сега? - „Сега мораме да да се погрижиме да ги постигнеме преостанатите цели за оваа сезона – да бидеме прваци на Германија и победници на купот. Интернационалните соништа ги отсонувавме вечерва, тоа што го доживеавме беше кошмар и точка“.

Како претседателот Руменига, и менаџерот Ули Хенес погледот го врти кон иднината: „Денеска секако видовме многу места на кои треба да се работи, и нив мораме на мира да ги анализираме и соодветно да дејствуваме. Ми стана јасно дека нешто мораме да направиме“.

Само тренерот Феликс Магат не признава дека тимот не и’ е дораснат на европската елита: „Ние не сме преслаби за европската елита, сметам и Вердер Бремен исто така, кој иако елиминиран, недвосмислено беше на висина на Јувентус и заслужи да победи и да се пласира понатаму. Ние денеска не можевме тоа да го покажеме, но има и причини кои не треба ние да ги изнесуваме“.

Судбината на Баерн синоќа ја доживеа и бранителот на титулата во Лигата на шампионите Ливерпул: не само што не успеа дома да се реваншира за поразот во Лисабон, туку беше уште поубедливо – сега со 2 спрема 0 - поразен од Бенфика.

Арсенал во Лондон не успеа да го совлада Реал Мадрид, но не му беше ни нужно – и со 0 спрема 0 се пласира меѓу осумте најдобри, оти веќе имаше в џеб победа од првиот дуел во Мадрид. Реал, пак, трета година послледовно не ќе може да прослави ниедна домашна или меѓународна титула. Олимпик во Лион го нокаутира ПСВ Анјдховен, минатогодишен полуфиналист во Лигата, со 4 спрема 0.

Во четвртфиналето, значи, се Барселона и Вилјареал во Шпанија, Јувентус и Милан од Италија, Бенфика од Портгалија, Олимпик од Франција и Арсенал од Англија. Последниот учесник ќе се знае во вторник по средбата Интер-Ајакс. Извлекувањето на двојките за четвртфиналето, сепак ќе биде извршено веќе утре, 10-ти март.