1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лига на шампионите: пораз на германските претставници – Баерн сепак во четвртфиналето

10 март 2005

Од трите германски претставници во фудбалската Лига на шампионите само Баерн ги продолжува натпреварите – за Баер Леверкузен и Вердер Бремен осминафиналето беше последната станица. Елиминирани Реал Мадрид и Манчесетер Јунајтед.

https://p.dw.com/p/AelN
На Тиери Анри внимаваа повеќемина одбранбени играчи на Баерн
На Тиери Анри внимаваа повеќемина одбранбени играчи на БаернФотографија: AP

Во реванш-средбите од осминафиналето на Лигата на шампионите трите германски екипи се поразени, но за Баерн Минхен тоа сепак немаше тешки последици. Баварците во Лондон ја одржаа предноста од првата средба, кога во Минхен го совладаа Арсенал со 3 спрема 1. Германските фудбалери во првото полувреме изненадија со енергична и офанзивна игра. Дури во последните минути од тој дел на натпреварот Арсенал го зголеми притисокот, а доминираше и во целото второ полувреме од средбата. Но, повеќе од единствениот гол на Тиери Анри не успеа да оствари. „Мислам дека првото беше најдобро полувреме на Баерн во обете средби и ние секако бевме изненадени од агресивноста. Тие навистина играа добро“ – им оддаде признание на гостите голманот на Арсенал, Германецот Јенс Леман. Неговиот дуел со противничкиот чувар на голот Оливер Кан, со кого се борат за дресот со број еден во германската репрезентација, заврши нерешено – обајцата имаа по неколку блескави интервенции. Кан вели дека бил уверен во успехот на својот тим: „Знаев дека веќе 2 години немаме среќа во Лигата на шампионите и кога и да е мораше да дојде до пресврт. Поради тоа бев уверен дека овде ќе се избориме за учество во натамошните натпревари“.

Баер и во Леверкузен, како и претходно на гостувањето, загуби од Ливерпул со 3 спрема 1 и беше во подредена ситуација од самиот почеток - почесниот погодок пред своите навивачи го постигна на две минути пред крајот преку Кжиновек. Гарсија даде два гола, Барош еден за Ливерпул.

Вердер во вторникот во Лион доживеа хаварија со поразот од 7 спрема два, откако претходно и дома во Бремен беше поразен со 3 спрема 0. „Лион навистина ни ги покажа границите. Сакаме и наредната година да играме во Лигата на шампионите, за да покажеме дека Вердер знае да игра и поинаков фудбал“ – вели репрезентативецот Мирослав Клозе.

Во „дуелот на гигантите“ Јувентус го елиминира Реал Мадрид. Во реваншот во Торино во регуларниот тек Јувентус со голот на Трезеге ја анулира предноста на Реал од средбата во Мадрид, а во продолжението Салајета му обезбеди пласман на Јувентус во четвртфиналето, во кое за првпат од 1997-ма година ќе го нема славниот Реал. Роналдо и Такинарди добија црвен картон поради меѓусебно кошкање.

Најубав фудбал донесе средбата во која Челзи прексиноќа ја победи Барселона со 4 спрема два, а прекрасниот гол на Роналдињо е тема на сите дискусии. Сепак, неговата Барса е елиминирана, а Шпанија останува без претставник во четвртфиналето на Лигата на шампионите. ПСВ Ајндховен како гостин поубедливо отколку дома – со два спрема нула - го совлада минатогодишниот финалист Монако, а Милан во обата дуела против Манчестер Јунајтед оствари идентични победи од по 1 спрема 0.

Последниот дуел од осминафиналето меѓу Интер и Порто ќе се одигра во вторник, на 15-ти март во Милано. Првата средба заврши нерешено 1 спрема 1.

Првите четвртфиналени дуели во Лигата на шампионите ќе се играат на 5-ти и 6-ти април. Извлекувањето на двојките ќе се изврши на 18-ти март.