1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лицата со ХИВ/СИДА маргинализирани во Македонија?

Антоанела Димитриевска1 декември 2013

Од 1987 година кога во Македонија е регистриран првиот носител на ХИВ, годинава имало најмногу ново заболени. Еден ХИВ позитивен апелира до сите, особено до одговорните во здравството да се смени дискриминторскиот однос.

https://p.dw.com/p/1ARCl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во составот на ХЕРА - Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување веќе четири години е активна работната група за поддршка и самопомош на лицата што живеат со ХИВ во Македонија - „Заедно посилни“.

Од 2005 година пак во Македонија во Клиниката за инфективни болести во Скопје за овие лица се спроведува антиретровирусна терапија.

Андреј Сених координатор на работната група „Заедно посилни“ заклучува: „Откако во Македонија има ваква терапија, нема смртни случаи од ХИВ, освен за лица кај кои е многу доцна откриен ХИВ. Тоа е затоа што додека се зајакне нивниот имунитет, тие можат да подлегнат на многу други болести. Другите лица со ХИВ, со редовна и навремена терапија имаат здрав и квалитетен живот“.

За жал во изминатите години се случувало терапијата да се прекине поради недостиг на одреден лек, а што е многу опасно, предупредува Сених и појаснува: „Не дека лицето ќе почине, меѓутоа се создава ризик, вирусот да стане отпорен и стекне резистентност, а терапијата да биде неупотреблива. Тоа пред сѐ значи стрес за овие лица, а и терапијата потоа треба да се замени со нова, која е воглавно и поскапа“.

Medikament - Truvada
Антиретровирусна терапија во голем број случаи ја намалува смртноста кај заболените од ХИВФотографија: picture-alliance/dpa

Тој појаснува дека последниве неколку месеци во договор со Министерството за здравство е зголемен буџетот за оваа намена и се надева дека овој проблем конечно е надминат.

Здравствени работници со предрасуди

Во Македонија меѓутоа сѐ уште имало здравствени работници и во државни и во приватни клиники, кои одбиваат да им дадат здравствени услуги на овие лица со ХИВ/СИДА. Оправдувањето од нив било дека немале двојна стерилизација, велат револтирани од работната група „Заедно посилни“: „Тоа е апсурдно бидејќи нема никаква двојна стерилизација, тука само една. А ако нема стерилизација која штити од секаков вид на инфекции, каде спаѓа и ХИВ, како тие тогаш го штитат здравјето на своите пациенти“.

Некои од здравствените работници вршат и ХИВ тест без дозвола од дадено лица кое дошло кај нив за операција. Андреј Сених заклучува: „Ако откријат дека е ХИВ позитивно тоа му го кажуваат без претходна најава, а потоа не му ја даваат и потребната здравствена услуга за која дошол, со што кршат две негови права“.

Symbolbild Sprechstunde Arzt
Некои здравствени работници одбивале да пружат помош за болните од ХИВФотографија: Fotolia

Потешко ги погодува дискриминаторскиот однос отколку животот со ХИВ

Едно 29 годишно момче, кој е ХИВ позитивен и сака да остане анонимен за Дојче веле ја раскажува својата приказна: „Со ХИВ се инфицирав по пат на незаштитен сексуален однос, иако бев одлично запознат со начините на пренос на вирусот. Но, како и многумина луѓе, верував дека тоа мене не може да ми се случи“.

Тој ни појаснува дека со огромна подршка од семејството сепак успеал да го живее својот позитивен живот и да оди и на работа. Воедно огромна подршка има од вработените во советувалиштето за ХИВ/СИДА на Инфективната клиника во Скопје, а посебно од Работната група „Заедно посилни“.

Неверојатно ама вистинито, многу болна е неговата констатација дека кога почнал со лекувањето сфатил дека вирусот ХИВ не е најтешкото со кое мора да се соочи: „Потежок противник ми беше и сѐ уште ми е неинформираноста на луѓето, а посебно на дел од здравствените работници и нивниот дискриминаторски однос кон нас луѓето со ХИВ, како и предрасудите на голем дел од популација во Македонија.“

Во Македонија треба да има поголема едукација за ХИВ/СИДА

Тој воедно апелира до сите во Македонија посебно до одговорните во здравството да се смени дискриминторскиот однос кон нив и потенцира: „Ние не претставуваме никаква опасност за околината, затоа што вирусот не се пренесува преку ракување и дружење со нас, туку пред сѐ преку незаштитен сексуален однос. Затоа потенцирам дека Вашето информирање на јавноста за ХИВ е многу важно во надминувањето на предрасудите и пред сѐ дискриминаторскиот однос кон нас“, апелира анонимниот соговорник.

Skopje, die Hauptstadt Mazedoniens.
СкопјеФотографија: DW

Тој заклучува дека и поради тоа најголем дел од инфицираните со ХИВ во Македонија тоа го кријат, со исклучок кога се принудени да кажат, при здравствени услуги на пример: „Ваквото јавно признавање на неколкумина во Македонија дека имаат ХИВ, за жал беше единствена причина тие веднаш да добијат отказ од работа, од нивните работодоваци, а кои исто така се со предрасуди и недоволно информирани за ХИВ. Поради тоа итно треба да се започне и со нивна едукација“, посочува анонимниот соговорник.

Од 1987 година, кога во Македонија за првпат е дијагностицирано лице со ХИВ, оваа година се регистрирани најмногу, 25 новозаболени од ХИВ.

Прим. д-р Жарко Караџовски, епидемиолог од Институт за јавно здравје на Р.Македонија на прес конференцијата потенцира: „Навременото дијагностицирање на вирусот може многу да го намали бројот на заразени“.