1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ловецот на нацисти“ е противкандидат на Гаук

1 март 2012

Беате Кларсфелд е противкандидат на Јоахим Гаук во трката за највисоката функција во Германија. Таа од страна на левицата е фалена како „натпартиска алтернатива“ на Гаук, а нејзина најважна тема останува антифашизмот.

https://p.dw.com/p/14CLx
Фотографија: Reuters

Новинарите одвај ја видоа кревката дама на подиумот. Фотографи и камермани им го попречуваа погледот кон 73-годишната Беате Кларсфелд, жената која важи за аутсајдер без шанси во трката за Сојузен претседател. Покрај нејзе седеше триото на Партијата на левицата, чиј кандидат е Кларсфелд - Гезине Леч и Клаус Ернст, први луѓе на левицата, како и шефот на пратеничката група - Грегор Гизи.

Präsidenten Kandidatin der Linke Beate Klarsfeld
Беате Кларсфлед со раководното трио на Партијата на левицата зад себеФотографија: Reuters

Настапот пред новинарите за Кларсфелд е еден вид „игра на домашен терен“, зашто таа е родена во Берлин, во 1939. година. Потекнува од „многу обично“ семејство, вели ќерката на вработен во правосудството и чистачка. Но, не е потеклото она што Кларсфелд ја прави соодветен предизвикувач на фаворизираниот свештеник и поранешен борец за човекови права во Германската Демократска република, Јоахим Гаук. Левицата вели дека решавачката одлика на Кларсфлед поради која таа е испратена во трката за претседателската функција е „борбата против фашизмот“. Шлаканицата што таа во 1968. година му ја удри на тогашниот сојузен канцелар и поранешен член на НСДАП (Национал-социјалистичка германска работничка партија), Курт Георг Кисингер, беше „шлаканица за Германија“, вели Кларсфелд.

Залагање за брза забрана на НПД

Своето заминување за Париз во 1960 година, таа го оценува како „најдобар начин за да се промени сликата за Германија во светот“. Францускиот главен град и‘ станува втор дом и појдовна точка за нејзиниот полувековен ангажман против нацистите и диктатурите во цел свет.

Beate Klarsfeld
Беате Кларсфелд за време на седница на Бундестагот на 02.04.1968 од трибината за гледачи го нарекува Кисингер (не е на фотографијата) „злосторник“ и „нацист“Фотографија: picture-alliance/dpa

И за време на првиот официјален настап по номинацијата за највисоката политичка функција во Германија Кларсфелд остана верна на својата животна задача. Таа се заложи за брза забрана на десноекстремната Националдемократска партија на Германија (НПД). Тоа е нешто што исто така ја поврзува со левицата.

Тоа што на Партијата на левицата и‘ се припишува поделен однос кон Израел и антисемитистички струења, за Кларсфелд не е проблем. И тука таа ги нагласува заедничките работи. Во нив, покрај гаранцијата за правото на егзистенција на еврејската држава се вбројува решението „две држави“ со Палестина. Левицата опуштено гледа на симпатиите и поддршката на Кларсфелд за конзервативниот француски претседател Никола Саркози. „Тука имаме разлика во мислењата“, вели шефот на пратеничката група на Партијата на левицата Грегор Гизи со насмевка.

Автор: Марсел Фирстенау / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска