1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондонскиот маратон со засилено полициско обезбедување

Александар Методијев/афп/дв20 април 2013

Засиленото полициско присуство на утрешниот Лондонски маратон ќе остане и покрај загинувањето на едниот и апсењето на другиот осомничен за бомбашкиот напад во Бостон, информираше Скотланд јард.

https://p.dw.com/p/18JtU
Фотографија: DW/K. McKinnon

Лондонската полиција поставува 40 проценти повеќе полицајци по должината на рутата споредено со минатата година со цел да ја зголеми безбедноста и да ги осигура 36.000 тркачи и десетиците илјади посетители. Во бројки тоа значи дека оваа година ќе бидат распоредени неколку стотици полицајци повеќе, како и кучиња-трагачи.

Маратонците се замолени да носат црни ленти на рацете, а организаторите објавија дека ќе донираат во фондот за жртвите во бостонските напади по две фунти за секој маратонец кој ќе заврши на целта. Пред стартот на трката ќе биде одржани 30 секунди молк.

Организаторите уверуваат дека и покрај зголеменото полициско присуство на маратонот ќе има „карневалска атмосфера“.

„Значително го зголемивме бројот на полициски службеници кои ќе бидат присутни, кои видливо ќе ги охрабруваат луѓето и ќе постават повеќе контроли и одреден број на други мерки за осигурување дека е безбедно и забавно како и секогаш“, изјави Ник Бајтел, извршниот директор на Лондонскиот маратон. „Се надевам дека луѓето ќе дојдат, ќе бидат весели и ќе имаат одличен ден“, додаде тој.

London Marathon
Невозможно е да се обезбеди секоја точка од маратонската рутаФотографија: Getty Images

42 километри безбедност

Маратонците ќе минат покрај Тауер бриџ, Биг Бен, плоштадот пред парламентот, но и покрај резиденцијата на кралицата - Бекингамската палата. Алексија Аш, шефица на северноамериканската консултантска фирма за предвидување на безбедноста „Ексклузив аналајзис“ оценува дека е невозможно целосно да се обезбеди маратонот без да се уништи неговата суштина.

„Не можете да имате безбедност на секоја точка долж 42-километарската рута“, оценува таа за Дојче веле.

Според неа, почетните и завршните метри имаат највисок приоритет, бидејќи за лицата кои имаат намера да привлечат внимание преку насилство мал е интересот да нападнат на места каде има малку посетители или нема телевизиски камери.