1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон - престолнина на легалните дроги

Бернд Расем/ Жана Ацеска27 април 2013

„Лигл хајс“- вака Британците ги нарекуваат новите синтетички дроги кои можат легално да се купат, пред се’ преку интернет. Нивното дејство често е катастрофално, а властите немоќно го следат растот на нивната продажба.

https://p.dw.com/p/18E2Q
Фотографија: AP

Неговото работно место може да биде секаде каде има интернет-врска. Алекс е дилер на дрога во Лондон. Но, тој не тргува со илегална стока. Негова специјалност се легални дизајнирани дроги, т.н „лигл хајс“. Преку неговата веб-страница може да се порача се‘ што прави да си „хај“ и смее да се продава. Испораката се врши преку пошта, по курир, а понекогаш шефот лично ја носи стоката. Негови муштерии се првенствено студенти, луѓе од бизнисот, па дури и политичари, неговите стоки се беспрекорни, тврди тој.

„Овие ’лигл хајс‘ се многу сигурни, се произведуваат во контролирана лабораторија. Тие не се мешани со други супстанции, па не настапуваат непоправливи оштетувања“, вели Алекс, трговец со дизајнирани дроги.

Никакви оштетувања? Обвинувачки видеа на интернет поставуваат дури и самите консументи на „лигл хајс“. Влијанието на супстанците често е непредвидливо.

Така, една студентка по дизајн од лондонскиот кварт Хекни неодамна првпат пробала дизајнирана дрога. Таа не сака да биде препозната. Ред драгон, црвен змеј, се вика замената за канабис, која ја пушела - со тешки последици: прво само чувство на опијанетост, но потоа морала безброј пати да повраќа, колабирала и последен излез и’ била болницата.

„Речиси не се сеќавам што сум рекла и што се случи. Имав проблеми со дишењето. А потоа таа голема исцрпеност, силниот нагон за спиење. Заедно со чувството на лошење, сето тоа беше многу, многу опасно“, вели корисничка на „лигл хајс“-дрога.

Crystal Meth Droge Synthetische Drogen
Опасни синтетички дрогиФотографија: picture alliance/dpa

Не е никаков проблем да се дојде до синтетичка дрога. Во Велика Британија има 80 интернет страници како онаа на дилерот Алекс. Само еден клик со глувчето и пакетот ќе стигне. Прашање е само што има во него.

Зашто, најголемиот дел од овие синтетички дроги стигнува од Кина. Лондон е престолнина на легалните дроги. Речиси секој втор млад Британец веќе пробал „лигл хајс“. Фатална е беспомошноста на властите: нивните забрани веќе не можат да држат чекор со појавата на нови супстанции. Во 2010 година во Велика Британија имаше 43 смртни случаи од „лигл хајс“.

Во една клиника во лондонскиот кварт Челзи се третираат корисници на дизајнирани дроги со придружни дејства како состојби на страв или депресии. За експертскиот тим актуелен проблем е дека во моментов во оптек се околу 70 нови супстанции. Кој ги користи, игра руски рулет.

„Интересно е сфаќањето на корисниците: мислат дека ако е легално, мора да е и сигурно. Вистински предизвик за нас е дека при толку различни супстанции, не можеме да ги знаеме сите ризици“, вели Овен Боуден Џонс, терапевт за дроги во „Клаб драгс клиник“.

Не е исклучено „лигл хајс“ и по децении од користењето да предизвикуваат и најтешки болести: сенилност, можеби дури и рак. Кој почнува да користи легални дроги, не размислува толку долгорочно.

[No title]

„Луѓето почнуваат со користење на овие ’лигл хајс‘ кога излегуваат или сакаат да прават забави. Тоа е вообичаено прв чекор во користењето. Но, со време ситуацијата ескалира, па дизајнираните дроги наместо само за забава на викенд, се земаат се‘ повеќе и повеќе и преку неделата. На крајот, дури и на паузата за ручек. Тогаш работата навистина тргнува наопаку“.

Прометот со „лигл хајс“ доживува бум. Исто така расте и бројот, пред се‘ на викенд, на оние кои стигнуваат во болниците со стравични придружни дејства.

Дилерите, како Алекс, тврдат дека нивните дизајнирани дроги се безопасни. Необично е само што покрај секој производ на интернет страницата стои предупредувањето: не е за човечка употреба.