1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лоша еволуција на српската политичка сцена?

Ивица Петровиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска10 април 2012

На претстојните претседателски избори во Србија би можело да има најмногу кандидати од 2000. година наваму. Што е вистински мотив за учество на претседателските избори-медиумскa промоција или...?

https://p.dw.com/p/14ZmW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според најавите, Србија на претседателските избори на 6 мај ќе има 11 кандидати. Борбата за нов претседател на Србија ќе се води меѓу кандидатот на Демократската партија, Борис Тадиќ и на Српската напредна партија, Томислав Николиќ. Сите истражувања покажуваат дека останатите кандидати практично ќе имаат улога на статисти во таа борба. Покрај кандидатите од парламентарните партии, на изборите ќе има и доста нови имиња. Со оглед на распоредот на политичките сили се поставува прашањето - што е мотивот за нивно учество на изборите? Дали е мотив само да се намали бројот на гласови на некоја друга политичка опција или станува збор за потреба од медиумско внимание?

Неволно за претседател?

Постојат медиумски и политички причини за таа поплава на претседателски кандидати, нагласува за ДВ политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ. Би требало да се прави разлика меѓу кандидатите на релевантните политички партии, односно оние кои имаат пратеници во парламентот и сите останати, исклучувајќи ги се разбира Тадиќ и Николиќ. Првите некако неволно се вклучиле во претседателската трка, оценува Станковиќ:

Serbien Wahlen Präsident Boris Tadic tritt für Neuwahl zurück
Борис ТадиќФотографија: dapd

„Тие едноставно не можат да дозволат Николиќ и Тадиќ, како двајца убедливо најсилни претседателски кандидати, да ги земат и гласовите коишто би оделе на конто на нивните политички партии. Со еден збор, кандидатурите на Дачиќ, Коштуница, Јадранка Шешељ и Чедомир Јовановиќ одат во насока на спречување на феноменот на симетрично гласање, односно спречување најголемиот број граѓани кои ќе ги заокружат Тадиќ или Николиќ истовремено да ги заокружат и нивните политички партии.“

Политика на незадоволство

Од друга страна, голем е бројот на кандидати кои првпат се на избори, забележува Станковиќ. Сите тие своите надежи ги засноваат врз латентното незадоволство на избирачите од политичката елита во Србија, вели Станковиќ:

Wahlen in Serbien, Tomislav Nikolic
Томислав НиколиќФотографија: AP

„И секој оној којшто се промовира како некое ново лице во политиката сака врз бранот на тоа незадоволство и заситеност со досегашната политичка елита да профитира политички и медиумски. Со еден збор, тие нови партии и движења и тие нови лидери сега се обидуваат да се понудат себеси и своите политика како замена за, во голема мера непопуларните, политички актери кои до сега беа клучни на политичката сцена на Србија.“

Мотив - ситно грабање гласови?

Во јавноста има и објаснувања дека одделни кандидатури се смислени само со цел да им се одземат одреден број гласови на Николиќ или на Тадиќ. Владан Mарјановиќ, уредник на надворешно-политичката рубрика на магазинот НИН за ДВ нагласува дека доколку е тоа точно, тоа ја враќа земјата во времето на избори кога на власт беше Милошевиќ. Сето тоа зборува лошо за еволуцијата на политичката сцена, а во пракса сето тоа нема да има некој ефект врз конечните резултати од изборите, оценува Марјановиќ:

„Не верувам дека кандидатурата на лидерот на Двери може навистина да го расипе изборниот резултат, на пример на Томислав Николиќ. Иако, ако ја примениме истата логика од парламентарните избори, има такви кои тврдат дека Двери се тука токму заради тоа. Не затоа што можат да остварат некаков резултат, туку за да откинат некој промил гласови кои би отишле, да речеме, на сметка на Демократската партија, но пред се‘ на Српската напредна партија, односно ако зборуваме за претседателските избори - на сметка на Николиќ.“