1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Лоши“ банки за гнили хартии од вредност

22 април 2009

Какво решение да се најде за финансискиот отпад - хартиите од вредност кои поради финансиската криза станаа безвредни? Да се формира финансиска депонија е полесно да се каже отколку да се направи. Берлин бара решение.

https://p.dw.com/p/HbjI
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Банките обично се рекламираат како добри и нудат многу погодности за корисниците, но Германија наскоро ќе добие и т.н. лоши банки или „Бед Бенкс“. Тоа е заклучокот на самитот одржан кај германската канцеларка Ангела Меркел. Таму беше дискутирано за концептот на сојузниот министер за финансии Пеер Штајнбрик, со кој од билансите на банките треба да бидат отстранети оние хартии од вредност кои станаа безвредни преку финансиската криза. Притоа, сеедно е дали се работи за приватните или јавните банки. Т.н. гнили хартии од вредност во текот на финансиската криза масивно загубија од вредноста и затоа сега воопшто не можат да бидат продавани.

Закон за „Бед Бенк“ веќе за две недели?

Колку точно има вакви безвредни хартии од вредност во билансите на банките, никој не знае. Според досегашните проценки, безвредните хартии се проценуваат на околу 200 до 500 милијарди евра. Факт е во секој случај дека гнилите или отровните хартии од вредност, како што уште ги нарекуваат, ги оптоваруваат билансите на банките, кои во краен случај реализираат загуби и мора да ги отпишуваат. Тоа ја попречува работата меѓу банките која треба да се заснова на меѓусебна доверба и го оневозможува кредитирањето на средните претпријатија, кои се зависни од инјекциите на капитал. Затворен круг, од кој сега треба да се излезе со префрлување на ризиците во други институции. Сојузниот министер за финансии Пеер Штајнбрик врши притисок за брзо расходување на финансискиот отпад. Тој смета дека за две недели веќе ќе може да предложи закон за формирање на т.н. Бед Бенкс. Владиниот портпарол Улрих Вилхелм изјави дека планот се‘ уште се конкретизира. Но, веројатно законот ќе може да биде донесен пред изборите наесен. Германската канцеларка Ангела Меркел, притоа, исклучи формирање на една централна банка која би била „депонија“ за гнилите хартии од вредност. Како пример може да служи Шведска, која ја совлада националната банкарска криза преку ваков модел. На самитот кај Меркел, беше дискутирано за децентрализирани решенија, значи за Бед бенкс на ниво на сојузните покраини или такви поврзани со тешко оптоварените финансиски институти.

Symbolbild Bad Bank
Фотографија: cc-by-nc Yago1.com/DW

Автор: Рихард Фукс / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска