1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Луксузни кол - герли во Франција

Сузана Дерхаге/ Зоран Јордановски25 април 2013

Трговци со луѓе и макроа господарат со животите на многу жени во Европа. Така е дури и во светот на луксузната проституција во Франција, каде муштерии на т.н. ескорт-дами честопати се познати и угледни личности.

https://p.dw.com/p/18ISF
Фотографија: AFP/Getty Images

Париз, градот на вљубените, е град и на развиен бизнис со секс за пари. Шана осум години овде работеше како кол-герла. Некогашната продавачка случајно навлезе во тој бизнис.

„Еден ден во бутикот во кој тогаш работев дојде еден човек. Тој ми стана љубовник. Ми плаќаше скапи патувања во Лондон или Женева, оти јас зборувам повеќе јазици. На една вечерна приредба сретнав и други девојки за придружба, кои ми кажаа како да најдам и други клиенти. Ја напуштив работата во бутикот“, раскажува поранешната кол-герла.

Шана користела луксузни хотели. Муштерии и’ биле бизнисмени, адвокати, луѓе од јавниот живот. Таа не сака да открива повеќе подробности. Мажите интензивно ангажирале проститутки како неа, но сето требало да добие поинаков привид.

„Морав да знам што е на репертоарот на театрите, морав да бидам во состојба да разговарам за политика. Потребни беа добри општи познавања. Прво се оди в ресторан, а потоа доаѓа тој магичен момент, кога се оди и чекор понатаму. Тие средби тогаш ми причинуваа задоволство“.

Задоволството за Шана престана кога владата на тогашниот претседател Саркози забрани секаква форма на реклама за проституција. Настапи златно време за илегални макроа, кои дејствуваа и преку интернет.

И Шана си побара макро. Но, веќе мораше да го прифати секој муштерија, дури и ако е груб и без респект кон неа.

Käufliche Liebe
Фотографија: Fotolia/macgyverhh

Кол-герлите беа изложени на насилство, а јавноста дозна за тоа преку случајот со Доминик Строс-Кан, поранешен шеф на Меѓународниот монетарен фонд, и собарката во Њујорк. Сега и француското обвинителство му префрлува дека бил не само учесник, туку и организатор на груби секс-забави во францускиот град Лил.

Познавачите на париското високо друштво сметаат дека сексуалните авантури на француските политичари се толерираат, но само до одреден степен, како што истакнува и Стефан Екуафие, новинар на весникот “Либерасион“:

„Французите беа шокирани од тоа, дека Строс-Кан изгледа ги принудувал жените да прават нешто, што тие всушност не го сакале, било во Њујорк или во Лил“.

Проституција под белег на бруталност. Една од причините за тоа е што секс-бизнисот се одвива во тајност. Бордели се забранети, нудењето услуги на улица е жигосано. Акти на насилство често пати остануваат неоткриени.

Кога макрото ја претепа, Шана побара помош. „Здружението против макроа“ во Париз го дотера макрото да одговара пред суд.

Елда Карли од „Здружение против макроа“, Париз објаснува која е нивната цел при застапувањето на жените:

„Важно е тие да бидат признаени како жртви. Тие честопати се толку многу понижени, што го загубиле чувството на самопочитување и дури мислат дека немаат воопшто никакви права“.

Жени како Шана досега работеа илегално, немаа права на социјална заштита. Тоа го знае и Стефан Екуафие, новинар на весникот “Либерасион“:

„Во Франција ние се правиме како воопшто да нема проституција, иако таа не е вистински искоренета и знаеме дека ја има во секое општество. Но, не успеваме да создадеме легални рамки, кои ќе ги штитат проститутките, како во Германија, Холандија или во Шпанија“.

Шана пред судот зборуваше и за муштериите. Но, некои работи сепак не може ни до ден-денес да ги каже поради страв од репресалии.

Во секој случај, таа веќе не сака да има никаква врска со секс-бизнисот.