1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Луначек: Со признавањето на Косово да се оневозможи „Голема Албанија“

Марина Максимовиќ/ Александра Трајковска9 септември 2012

Во Европскиот парламент го повторуваат ставот дека Србија за влез во ЕУ „на некој начин“ ќе мора да го признае Косово. Известувачот на Парламентот ги повикува и сите земји на ЕУ и членки на ОН да го признаат Косово.

https://p.dw.com/p/16566
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Затворањето на Меѓународната цивилна канцеларија на Косово на 10. септември на некој начин ќе претставува полна независност на Косово и успех во изградбата и функционирањето на косовските институции, смета известувачот на Европскиот парламент за Косово Улрике Луначек. Луначек по овој повод им порачува на Србите на Косово и „на оние јужно од Ибар и на оние на северот - дека не мора да се плашат“.

„Убедена сум дека косовските институции можат да водат сметка за заштита на правата на малцинствата, иако преостанаа уште многу работи кои стојат пред косовската влада и тамошното општество“, вели Луначек наведувајќи дека правата на етничките малцинства на Косово се гарантирани и со планот на Ахтисари и со косовскиот Устав.

И додека многумина на Косово на 10. септември гледаат како на „историски ден“, при што се планира на случувањата да присуствуваат и меѓународни дипломати, премиерот на Албанија, но и комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе, во меѓународната кризна група за ДВ велат: „Не е во прашање некој историски чекор. Тоа е долго очекувана етапа за меѓународно признавање и интеграција на Косово. Сите битни проблеми остануваат: проблемот на северот, односите со Србија, тука и натаму се петте земји на ЕУ кои не го признаа Косово, немањето членство во ОН... Значи ова мораше да се случи, но нема многу да значи“.

Kosovo Europaparlament Ulrike Lunaqek in Pristina
Европската пратеничка Улрике ЛуначекФотографија: DW

Потребно е „некој вид признавање“ на Косово

Во Брисел се наведува дека европската полициско - судска мисија, ЕУЛЕКС, ќе продолжи на терен да биде поддршка за развојот на функционалноста и владеењето на правото на Косово. Во Европскиот парламент овие денови повикуваат и на поголема политичка поддршка, но и поголемо единство во ЕУ, кога е во прашање Косово. Известувачот на Парламентот за Косово Улрике Луначек уште еднаш ги повика петте земји на ЕУ, како и Србија, да ја признаат независноста на Косово: „Постојат два чекори. Првиот е нормализација на односите меѓу Србија и Косово, но мене многу ми е јасно, а тоа го кажа и господин Шулц, дека нема да биде можно за Србија да пристапи во Европската унија без некој вид меѓусебно признавање на двете земји“.

Луначек вели дека се’ уште не постојат односи меѓу ЕУ и Косово, но договорот и одлуката на Србија да се согласи на „ѕвездичка“ при претставувањето на Косово ќе им помогне и на оние членки на ЕУ, кои не го признаа Косово, да се согласат на отворање на Договорот за стабилизација и асоцијација со Косово.

ЕУ со Србија и Косово во моментов ги разгледува и модалитетите за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Се очекува дијалогот да биде подигнат на повисоко ниво, дека и шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, директно ќе се вклучи во преговорите кои би требало да водат до нормализација на односите на Србија и Косово. Еден од предусловите за тоа е секако решавање на прашањето за северот на Косово, но според зборовите на Луначек „не на начин како што многимина во Србија посакуваат“: „Тоа значи без разговори за територијална размена, поделба или нешто слично, туку за она што ќе значи добро за граѓаните, а Србите на северот на Косово се граѓани на Косово и тоа е јасно“.

Во европскиот парламент предупредуваат и на опасноста дека со непризнавање на независноста Косово „турка“ се’ поблиску до Тирана и дека така се поддржуваат оние кои на ум ја имаат „Голема Албанија“, што неможе да биде решение за Косово.