1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Лустрациски“ пресметки

28 септември 2010

Одлуката за лустрација на претседателот на Уставниот суд го поткопува кредибилитетот на Судот, вели македонскиот премиер Никола Груевски. Уставниот суд оцени-одлуката за еден судија се користи за напад врз институцијата.

https://p.dw.com/p/POle
Што стои во актите?Фотографија: AP

Одлуката за лустрација на претседателот на Уставниот суд донесена од Комисијата за верификација на фактите го поткопува кредибилитетот на Уставниот суд, а го урива и легитимитетот во однос на сите досегашни одлуки на овој Суд, оцени денеска македонскиот премиер Никола Груевски.

„Тоа што се случува не е добро за земјата, што имаме луѓе кои така постапувале во минатото, а денеска се на клучни позиции и на позиции кои се од клучна важност за државата“, изјави Груевски. Уставниот суд веднаш реагираше со соопштение во кое се наведува дека „лустрацијата на еден уставен судија се користи за напад врз Уставниот суд како институција која што ја штити уставноста и законитоста“.

Trendafil Ivanovski Verfassungsrichter Mazedonien
Трендафил Ивановски тврди дека има „чист образ“Фотографија: MIA

Според Уставниот суд, Груевски „излегол надвор од своите уставни надлежности бидејќи нема право да го цени легитимитетот на одлуките на Уставниот суд, туку само да обезбеди нивно извршување“. „Искористувањето на еден случај кој е во постапка и треба дополнително да добие законски епилог, за стигматизација на колективно тело, потсетува на настани од минатото што на едно демократско општество не смее да му се повторат“, се наведува во соопштението од Судот.

Вчера, претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски изјави дека има „чист образ“ и дека нема намера да се повлече од функцијата. Ивановски најави жалби до Управниот, како и до Врховниот суд и наведе дека во досието има непотпишани белешки, лаги и измислени лица, како и фабрикувани и фалсификувани изјави.

Автор: ЕМФ/ЖА/миа

Редактор: Жана Ацеска