1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЛШ: Милан и Барселона ги „острат забите“

ЕМФ/макфакс22 октомври 2013

Во Лигата на шампиони, денеска (22.10), ќе се одиграат натпреварите од третото коло во групите Е, Ф, Г и Х. Ова коло ќе го обележат пресметките помеѓу англиските и германските, односно италијанските и шпанските тимови.

https://p.dw.com/p/1A3z3

Дерби средбите денеска (22.10) ќе се одиграат во Лондон и Милано, каде ќе се сретнат Арсенал и Борусија Дортмунд, односно Милан и Барселона. Милан, воведниот дел од сезоната го игра далеку од посакуваното, а причината за тоа лежи во големиот број на повредени играчи. За мечот со Барселона на голот ќе го нема стандардниот Кристијан Абијати, а неизвесен е настапот на најдобриот стрелец Марио Балотели, како и на Бонера и Де Шиљо.

„Ќе биде тешко против Барселона, но имаме квалитет да му парираме на противникот. Ќе се обидеме да ги освоиме бодовите кои можат да бидат пресудни за пласман во следната фаза“, изјавил тренерот на Милан, Масимилијано Алегри.

Барселона, пред мечот, нема никакви кадровски проблеми, подготвен за настап е и Лео Меси, кој во саботата кај Осасуна одигра 30-тина минути.

„Играме против голема фудбалска институција и не се залажуваме дека нѐ очекува лесен натпревар. Играме против историски ривал и ќе дадеме сѐ од себе за да оствариме победа. Барселона мора да биде Барселона. Треба да доминираме во поседот на топка и со таква доминација да одговориме на секоја можна ситуација на теренот. Тоа е она што Барселона го прави со години. Меси се чувствува добро, тренираше и психички е подготвен за натпреварот“, истакнал тренерот на каталонскиот тим, Тата Мартино.

Што се однесува до останатите средби од ЛШ, Шалке денеска ќе игра против Челзи, Наполи ќе гостува во Марсеј кај Олимпик, екипа која има два порази во воведните две кола, додека Стеауа првата победа во елитата ќе ја бара на домашен терен против Базел. Освен тоа, во групата Х се среќаваат Селтик и Ајакс, а во групата Г на ред е средбата меѓу Австрија Виена и Атлетико Мадрид, како и натпреварот Порто-Зенит.