1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонистиката во Хале традиционална, во Берлин во зачеток

Силвера Падори-Кленке24 мај 2013

На Универзитетот во Хале македонистиката беше и остана традиција. Прв курс по македонски овој семестар има и на Хумболт Универзитетот во Берлин. Еден мал јазик, велат експертите, може да се наметне само со атрактивност.

https://p.dw.com/p/18cmd
Фотографија: picture-alliance/dpa

На Универзитетот Мартин Лутер во Хале (на Саале) безмалку 5 децении во групата јужнословенски јазици се изучува и македонскиот. Традицијата, која започна во некогашната ДДР, грижливо се негува до ден денес. А, почетокот, како вели за ДВ др. Гизела Хавранек, македонист од Институтот за славистика на Универзитетот Мартин Лутер од Хале, бил непосредно врзан за катастрофалниот земјотрес во Скопје.
„Универзитетот од Хале, сакајќи да помогне, прифати студенти и млади научници од Скопје. Тоа беше почетокот, основата која резултираше со склучување договор за соработка меѓу двата универзитети и посебно на нивните оддели за филологија. Негувањето на македонистиката во сите изминати децении се должи и на ангажманот на две професорки: Флекенштајн во седумдесеттите и Ангела Рихтеr во деведесеттите“, подвлекува др.Хавранек. Според нејзиното кажување, македонски лектори во Хале имало до 1993 година,а оттогаш целокупната работа со студентите ја презеле германските македонисти. Интересот е добар и наставата ја посетуиваат млади од различни групи, кои според актуелниот модел на студирање имаат можност вистински да ги следат своите интереси.

Прв курс по македонски во Берлин

На Институтот за Славистика на Хумболт Универзитетот во Берлин одделно не се изучува македонскиот јазик, но како објаснува проф. др. Кристијан Фос направен е исчекор во позитивна насока.
„Овој семестар за првпат имаме практичен курс по македонски јазик. Ова е прв обид и за премиера е добро што има заинтересирани. Не се повеќе од десетмина, но и тоа е бројка ако се има предвид дека воопшто студиите по славистика се мали и главно се изучуваат рускиот, полскиот и од јужнословенските боснаскиот, хрватскиот и српскиот“, кажува за ДВ проф. др. Фос. Тој вели дека концентрацијата врз полскиот и рускиот јазик е резултат не само на долгата традиција, богатата литературата и големото говорно подрачје, туку и на податокот дека од некогашниот Советски сојуз и Полска има најмногу доселеници во Германија кои имаат интерес токму за овие јазици. Инаку малиот и малку соодветен материјал за настава, недостигот на етаблирани и стандардизирани учебници напишани од лингвисти кои едновремено се и дидактички добро подготвени, според проф. др.Фос е една од причините за малата застапеност на македонскиот јазик. Но, решавачко влијание имаат како вели тој, големината на јазикот и „побарувачката на пазарот“’.

Стабилен развој на македонскиот јазик

Во деновите кога се празнува и одбележува кириличното писмо прашуваме: како се развива македонскиот јазик? Влијаат ли врз него историските случувања и промени?
„Јазикот секогаш е одраз на општествениот развој. Тој е динамичен, се развива, по малку и се менува, но во основа останува еден цврст столб“, подвлекува др. Гизела Хавранек која ја користи и приликата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Македонија да им го честита празникот на просветителите.
Проф. др. Кристија Фос, пак, вели дека во споредба со останатите јужнословенски јазици, македонскиот по распаѓањето на Југославија останал прилично стабилен. Тој потсетува дека во Хрватска, Босна и Црна Гора имало многу активна политика со која се сакало јазикот да се редефинира и разграничи од српскиот. Во Хрватска бил карактеристичен и видлив јазичниот пуризам со кој се отстранувале странските и се создавале нови зборови.
„Политика од ваков вид во Македонија имаше само на почетокот на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ на Љубчо Георгиоевски, кој применуваше отворено антијугославенска политика. Веројатно многумина ќе си припомнат на демонстрациите во Скопје и плакатите „Љубчо - глубчо“ напишани со буквата „б“- што етимолошко е бугарско пишување, наместо фонетското со „п“ кое се користеше во Југославија. Оваа политика брзо беше завршена, така што се’вкупно споредено со другите јазици, можам да кажам дека македонскиот остана релативно стабилен и не беше дополнително моделиран“, коментира проф. др.Фос.
Македонија го има јазикот и тоа е потврдата дека постои. Но, како малиот јазик да стигне до големата публика?
„Има една убава мисла од Ерик Кеснер кој вели - Es gibt nicht gutes außer man tut es ! Слободно кажано ова значи нема добро ако човек сам не си направи. За малите јазици и култури, решавачка е сопствената иницијатива за популаризација. Нема автоматизам, па славистиката да каже: сакаме правичност и подеднаква застапеност и на малите јазици. Живееме во отворена конкуренција на сите полиња, па јазиците и нивните претставници мора да се погрижат самите да се наметнат со својата атрактивност“, подвлекува за ДВ проф. др. Кристијан Фос.

Mazedonische Autoren Leipziger Buchmesse 2013
Јазиците на малите народи, како македонскиот, мора да се наметнат со својата атрактивностФотографија: DW
Leipziger Buchmesse Podiumsdiskussion
Прв курс по македонски јазик на Хумболт Универзитетот во Берлин, проф. д-р. Кристијан ФосФотографија: DW