1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија бара вештачка ДНК од Германија

25 август 2011

Превентивното делување против криминалот од секој вид и посебно актуелните „сајбер“ деликти имаат централно место на годинашните 11-по ред Охридски разговори кои се водат во Потсдам

https://p.dw.com/p/12NaG
Охридски разговори во ПотсдамФотографија: picture alliance / dpa

Покраината Бранденбург и Потсдам  денес и утре се домаќини на традиционалните 11-ти по ред Охридски разговори. Иницијативата која пред деценија започна без многу амбиции, прерасна во традиција во која  претставници на министерствата за внатрешни работи од покраината Бранденбург и Македонија непосредно разменуваат искуства и тесно соработуваат во деликатната сфера каква што е превентивата и борбата против криминалот. Станува збор за заедничко делување со цел да се зголеми чувството на сигурност на граѓаните како во домовите така и на улиците.
Во текот на двата работни дена на Охридските разговори конкретно ќе се дискутира за  зголемувањето на безбедноста во користење на информатичката  технологија. Како што посочи Џелал Бајрами, заменик министерот за внатрешни работи на Македонија кој учествува во разговорите,  акцентот ќе биде ставен токму на  размената на искуства и можноста за заедничкото спротивставување на  сајбер криминалот.
Германските домаќини на првиот ден од разговорите  претставија дел од актуелните проекти кои се однесуваат пред се’ на превенцијата на криминалот. Станува збор за  т.н. проект за „вештачка ДНК“, кој од почетокот на годинава се спроведува во Франкфурт на Одра. Ова е всушност втор проект на оваа тема, по успешната „премиера“ на пилот проектот во Бремен кој стартуваше во октомври 2009-тата.

Намалување на деликтите


Што е всушност „вештачка ДНК“? Како што велат експертите тоа е маркетиншкото име за синтетички супстанци кои треба да ги имаат истите карактеристики како природните ДНК. Односно,  тие имаат единствен код иако се вештачки и се користат превентивно во борбата против криминалот. „Вештачката ДНК“гарантирано е единствена. Секоја серија може да се проследи како природната  ДНК. Во синтетичките супстанци се додаваат микро точки кои се своевиден код и се видливи и читливи само со посебни адитиви и ултравиолетова светлина.  Целта е  со вакви супстанци да се премачкуваат одделни објекти и предмети со кои практично се гарантира сопственоста. Премачканите делови во вештачката ДНК ги придружуваат и  предупредувачки информации или лепенки со кои  се кажува дека објектот или предметот се заштитени.
Ваквата стартегија врз база превенција со вештачката ДНК и налепници, знаци или слично влијае крадците петпати да поразмислат пред да делуваат. Зашто вистинскиот сопственик на украдениот предмет е идентификуван. Во пилот проектот во Бремен, како што истакна Арне - Кристијан  Феуринг, претседател на полицијата од Франкфурт на Одра, ваква заштита се користела на компјутерите во училиштата. Повеќегодишни искуства со вештачката ДНК имаат и  Велика Британија и Холандија каде било регистрирано намалување на кражбите дури за 80 проценти. Сепак, официјално нема сигурна статистика поради што со нетрпение се очекуваат конкретните резултати од проектот во Франкфурт на Одра  каде  со вештачките ДНК се обележани бројни објекти, училишта  и  предмети.
Претставниците од македонското МВР не го криеја своето интересирање за ваквиот вид на превенција од кражби. Првиот човек, пак,  на полицијата на Франкфурт Арне – Кристијан Феуринг  за македонската програма на Дојче Веле изјави дека ваков пилот проект  би можел  да се спроведе и во Македонија, но пред се’ треба да се почекаат резултатите  и искуството од Бранденбург.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Ohrider Gespräche teil XI
Вештачката ДНК делува превентивно кај кражбите!Фотографија: DW
Ohrider Gespräche teil XI
Превенцијата и искуствата на Бранденбург интересни и за МакедонијаФотографија: DW

Редактор: Борис Георгиевски