1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија бара поголема активност од Бан Ки Мун

28 септември 2010

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун му пренесол дека Македонија сака да го реши спорот со името со Грција, но само во рамките на нормите на ОН.

https://p.dw.com/p/POC4
Бан Ки Мун: зошто е толку комплицирано доаѓањето до решениеФотографија: AP

На синоќешната средба на македонскиот министер за надворешни работи со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, Антонио Милошоски му реферирал дека Македонија сака да го реши спорот со името со Грција, но само во рамки на нормите на ОН, каде што се загарантирани човековите права и националното достоинство. Спорот мора да се реши со почитувањето на резолуциите кои се однесуваат на ова прашање, како и на Привремената спогодба од 1995 година, го пренесол Милошоски државниот став. Иако Бан Ки Мун веќе неколку години интензивно се среќава и разговара со двете страни, тој вчера повторно се интересирал зашто е толку комплицирано да се дојде до решение. Изразил разбирање за македонските позиции и рекол дека земјата има суверено право да ги брани, истовремено барајќи и официјално Скопје да ги разбере позициите на Атина.

„Средбата со генералниот секретар на ОН беше добра прилика да се презенетираат уште еднаш македонските позиции, да му се даде увид во најновиот развој на нсатаните, но пред се‘ да се потенцира дека Република Македонија, билатералниот спор кој што и‘ е наметнат од Грција, има желба да го надмине, но сепак во рамките на нормите на ОН, каде се загарантирани човековите права, националното достоинство и почитувањето на резолуциите кои се однесуваат на ова прашање, вклучувајќи ја и Привремената спогодба која двете земји ја склучија во септември 1995 година,“ изјави Милошоски.

Antonio Milo mazedonischer Außenminister
Антонио МилошоскиФотографија: Dragan Todorovski

Грција да биде поактивна во преговорите

Неофицијално, Македонија бара генералниот секретар на Обединетите Нации да биде поактивен во процесот што го води неговиот специјален пратеник Метју Нимиц. Бан Ки Мун треба да ја олесно работата на медијаторот Нимиц, но и да ја натера грчката страна да биде поактивна во преговорите. На средбата, како што брифираат високи извори во македонското МНР, се разговарало и за потребата од поактивен преговарач од грчка страна, кој ќе биде во редовна комуникација со Нимиц. Доколку проблемот кај јужниот сосед е во намалената доверба на Папандреу во преговарачот Василакис, кој веќе една година не се појавува во јавност, Грција треба да именува нов дипломат, смета македонската страна.

Автор: Горан Момироски

Редактор: Жана Ацеска