1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија-Бугарија: Историјата да биде во полза на дијалогот

АТ/ макфакс6 февруари 2013

Дијалог, а не националистичко читање на минатото беше главниот тон на ставовите на учесниците на тркалезната маса во Скопје за односите меѓу двата соседа: Македонија и Бугарија.

https://p.dw.com/p/17Z6i
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Во организација на Македонскиот центар за европско образование и Фондацијата Отворено општество-Македонија во Скопје се одржа тркалезната маса: „Односите меѓу Македонија и Бугарија - четврто полувреме“. Учесниците, македонски и бугарски претставници, во повеќе наврати потенцираа дека историјата не треба да се користи како инструмент во политичките односи меѓу двете земји, а Скопје и Софија да водат дијалог за сите отворени прашања.

„Историјата не е и не може да биде инструмент за политиката, ниту за надворешна, ниту за внатрешна употреба, затоа што традиционално историјата се пишува на принципот на ограничувањето: ние-вие, јас-другиот, наше-ваше. Целта на политиката е постигнување на компромис, на консензус, со цел постигнување на одреден резултат, односно постигнување заеднички цели. Ако не може да биде игнорирана, историјата може да биде впрегната во полза на компромисот, на консензусот, на разбирањето“, изјави бугарскиот аналитичар
Јавор Сидеров.

Дел од учесниците на дебатата апелираа за дијалог меѓу властите во Скопје и Софија и напуштање на националистичкото читање на минатото. „Еден од начините на промислување, на дијалогот меѓу нациите на Балканот, меѓу Македонија и Бугарија, меѓу Македонија и Грција и останатите соседи е враќањето на смислата на оваа категорија, на поимот дијалог, категорија којашто, за жал, ја истрошија во празни, банални, политички флоскули. Многу важно е да се изместиме од рововите на националистичките читања на минатото, зад кои стојат етничките идеологии“, рече Ирена Стефоска од Институтот за национална историја во Скопје.

„Ние мораме да бидеме без никаков комплекс. Не смееме да се третираме како жртва или како дете кое е злоупотребено во детството, па има комплекс цел живот. Значи, мораме да ги отвориме сите прашања. Ние немаме проблем со тоа. Нашиот идентитет ние можеме да го градиме и со споделба на историските ликови и настани, нешто со Бугарија, нешто со Албанците. Одлуката да се заборава е во еден дел со Албанците. Ние забораваме дека ВМРО има најдобра соработка со албанските организации до 1941 година. Ние мораме тоа да го отвориме и заедно, без остаток да расправаме за тоа со политичка одлука дека така историјата ќе ја читаме, не директива како да ја читаме, туку тоа е политичка одлука секогаш – што ќе заборавиме, што ќе паметиме“, рече универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, кој смета дека од македонска страна постои занемарување на односите со источниот сосед.

Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

Дел од учесниците побараа наместо за историја, главниот фокус на македонско-бугарските односи да биде економијата и меѓусебната инфраструктурна поврзаност.

„Мислам дека, сепак, треба да се оди на деисторизација, да зборуваме за економија, да зборуваме за инфраструктура, да зборуваме за соработка. Има многу позитивни примери“, рече Димитар Бечев од Европскиот совет за надворешни односи во Софија и дополни дека: „Долг на нашите елити е да најдат начин да се излезе од овој маѓепсан круг, да одиме кон позитивно сценарио“, вели Бечев.

Антоанета Приматарова од Центарот за либерални стратегии во Софија, пак, смета дека бугарските власти се тие што ги занемариле односите со Македонија, во услови кога земјата влегуваше во Европската унија. Порача дека за градењето на добрососедски односи не е потребно само потпишување на договор и смета дека за изградба на такви односи се потребни неколку децении. Посочи дека интеграцијата во Европската унија не мора по автоматизам да значи и надминување на сите проблеми.