1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија верува во шпанското претседателство со ЕУ

29 декември 2009

Отворањето на преговорите со ЕУ ќе биде врвен приоритет на надворешната политика на Македонија во 2010, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пред парламентарната Комисија за надворешна политика.

https://p.dw.com/p/LFx7
Антонио МилошоскиФотографија: AP

Отворањето на преговорите ќе биде врвен надворешно политички приоритет на Владата на Република Македонија во 2010 година. За таа цел продолжуваме со засилена динамика со реформите зацртани согласно укажувањата на ЕК со цел унапредување на степенот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ во македонското општество, како и со проактивен приод на барање решение за надминување на билатералната разлика со Република Грција во врска со уставното име на Република Македонија, рече Милошоски во годишното експозе за активностите на Министерството за надворешни работи.

Осврнувајќи се на постигнувањата во 2009 година, Милошоски истакна дека Македонија во добра мерка ја исполни агендата што си ја постави за оваа година, а тоа се позитивниот извештај на ЕК за спроведените реформии препораката за преговори за полноправно членство во ЕУ, визната либерализација и акредитацијата на домашните институции за децентрализирано управување со ИПА- фондовите.

Според него, и покрај тоа што на декемврискиот состанок на земјите членки на ЕУ не се материјализира препораката за почнување на преговорите со политичка одлука за конкретен датум, таа е значајна етапа од пристапувањето на Македонија кон ЕУ:

„Веруваме дека ЕУ во целина ќе изнајде начин да го стави во преден план општиот интерес на ЕУ и дека во тие околности ќе може да се дозволи земјите кои заслужуваат и коишто можат да ги продолжат процесите на приближување кон ЕУ. ЕУ и другите партнери вложија значителен политички капитал, па и финансиски средства за да го доведеме процесот во оваа посакувана точка и веруваме дека шпанското претседателство брзо ќе го постави на дневен ред прашањето за Македонија и за определувањето датум за почнување на пристапните преговори“, рече Милошоски.

Во однос на вклучувањето на земјата во НАТО Милошоски истакна дека со несмалена динамика се работи на три полиња - укажување на неодржливата ситуација по самитот во Букурешт со која и покрај тоа што ги исполни критериумите и е партнер од доверба на Алијансата, Македонија се држи надвор од НАТО и продолжување со договорените активности во рамки на 11 циклус од Акциониот план за членство кој беше презентиран и почна да се применува од октомври годинава. Македонија како идна членка на НАТО, додаде Милошоски, е цврсто определена да го преземе и својот дел од меѓународната одговорност во операциите за поддршка и изградба намирот во светот предводени од ЕУ и НАТО и од ОН и таа следната година ќе го зголеми контигентот во Авганистан од 190 на 250 припадници на АРМ со што ќе стане петти контрибутор меѓу сите сојузници кои учествуваат во мисијата во Авганистан.

Во однос на билатералните односи со соседите, интересот ќе биде фокусиран на јакнење пред се‘ на економските и културните врски, како и на унапредување на инфраструктурата, патна, железничка и енергетска, како и борбата со трговијата со луѓе организираниот криминал, перењето пари и др.

Тужбата против Грција останува

Во однос на Република Грција Милошоски рече дека Владата останува на својот конзистентен став за активно и конструктивно учество во разговорите за името преку јакнење на билатералните односи врз принципот на соработка, доверба и заемно почитување без уцени и условувања во решавањето на отворените прашања.

Македонија нема намера да ја повлече тужбата против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за кршење на Времената спогодба од 1995 година, изјави министерот за надворешни работи:

„Согласно нашето право, нашите национални интереси и согласно статусот кој го ужива Времената спогодба во билатералните односи и во правото во Република Македонија да ги штитиме неговите одредби, ја покренавме оваа тужба за да ја завршиме до крај. Имаме сериозни аргументи и мислам дека спроведувањето на овој процес пред Меѓународниот суд во Хаг ќе значи и дополнително почитување на Времената спогодба и планираме тој процес да го завршиме успешно без алтернатива“, рече Милошоски во годишното експозе за активностите на Министерството.

Македонија покрена тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг поради нарушување на Времената спогодба со грчкото вето на македонската интеграција на НАТО самитот во Букурешт. Своите аргументи и докази Македонија ги достави во судот во јули, годинава, а до 20 јануари тоа треба да го направи и Грција по што се очекува да почне судскиот процес.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Борис Георгиевски