1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во „менгеме“ меѓу европскиот пат и рускиот гас

Катерина Блажевска11 декември 2013

Македонија треба да ги искористи предупредувањата од ЕУ за да постигне поповолен договор за „Јужен поток“ сметаат дел од домашните експерти

https://p.dw.com/p/1AX6w
Фотографија: dapd

Третиот енергетски пакет „Јужен поток“ создаде напнатост во Брисел, меѓу одредени држави во ЕУ и меѓу Русија и Унијата, откако Европската Комисија оцени дека билатералните договори за изградба на гасоводот претставуваат кршење на законите на ЕУ. На тапет е Москва, но и нејзините клиенти - Македонија, Бугарија, Србијa, Унгарија, Грција, Словенија, Хрватска и Австријa.

„Договорите мора да се изменат и преговараат одново, а ако тие преговори не завршат успешно, државите треба да го поништат договорот со Русија. Ако државите не преговараат за нови договори, тогаш Комисијата има начини и средства да ги обрзе да го сторат тоа“, порача директорот за енергетски пазари во ЕК, Клаус Дитер Борхерт.

За ЕК се спорни три генерални точки: „Газпром“, кој е и производител и снабдувач со гас, не може во исто време да биде и производител и сопственик на мрежата за транспорт. Мора да биде обезбеден недискриминаторски пристап за трета страна, односно „Газпром“ не може да има ексклузивно право да биде единствен снабдувач со гас. Трето, мора да се реши тарифната структура. Европската Комисија уште во септември 2012. година покрена антимонополска истрага против „Газпром“, поради загриженост дека тај енергетски гигант има монополска положба на пазарот на гас во централна и источна Европа.

Две писма до Македонија

Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) веќе испратила две писма до македонската влада во врска со гасоводот.

„Македонија ќе треба да го поништи или да го ревидира договорот за „Јужен тек“ со Руската Федерација, изјави Јанез Копач, директор на Секретаријатот на ЕЕЗ. Од Владата засега не соопштуваат дали одговориле на писмата. Единствен одговор засега даде вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Eröffnung Gaspipeline South Stream Vladimir Putin
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: dapd

„Република Македонија ќе продолжи со реализацијата на 'Јужен поток', како што е најавено, со тоа што ја поттикнува Европската комисија и Русија да отворат директен дијалог за решавање на сите прашања што Европската комисија ги потегна во однос на реализацијата на овој крупен меѓународен проект. Проектот, не само што сам по себе има економско и општествено значење, туку е значаен и за подобрување на конкурентноста на економиите кои се вклучени во неговата реализација. Очекувам преку директен дијалог, Европската комисија и 'Газпром' да ги решат отворените прашања“, изјави Ставрески.

Според дел од експертите, проблематиката е поделикатна и подлабока, бидејќи природниот гас, како и сите енергенси, е стратешко и политичко оружје. Тие велат дека ЕУ, која е длабоко зависна од увоз на енергија, особено од Русија, се обидува да ја намали таа зависност, откако проектот НАБУКО ја изгуби „битката“. Прашањето е кој прв ќе стаса во Европа и колку години ќе има предност пред конкуренцијата. „Јужен поток“ би требало да стаса во Европа за две години - во 2015 или во 2016 година, а европскиот проект Трансјадрански гасовод (ТАП) за пренос на гас од Азербејџан до Западна Европа не може да профункционира пред 2018 или 2019 година, па преку обезбедување законски, процедурални или технички пречки, ЕУ купува време со цел европскиот проект да го стаса рускиот. Ако за успешни преговори меѓу Брисел и Москва се потребни најмалку две години, не е тешко да се пресмета дали конкурентите ќе се сретнат на пазарот.

Погрешен или добар пристап?

Каква е позицијата на Македонија во ваков случај? Д-р Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, вели дека регулативата треба да се усогласува со носителот на проектот, а не со клиентите.

„Македонија и другите апострофирани земји имаат легитимно право да склучуваат договори според услови кои се најповолни за земјата. Притоа, да се почитуваат националните законски прописи, особено во делот на техничка безбедност, како и преземените обврски кон ЕУ. Европската Комисија и Секретаријатот на ЕЕЗ треба регулативата да ја усогласуваат со носителот на проектот, а не со клиентите. Активностите за Македонија се во сферата на подготовка на техничка документација и далеку од реализација, така што нема потреба тие да се „замрзнуваат“ додека траат усогласувањата меѓу ЕЕЗ и „Јужен поток“. Недоразбирањата се меѓу тие две страни, а не со клиентите. Ова е проѕирен обид да се направи притисок кон 'Јужен поток', преку клиентите, или како што вели народната поговорка: 'Не удираат по магарето, туку по самарот'“, вели Димитров.

Д-р Атанаско Тунески, редовен професор на Машински факултет во Скопје и член на Економскиот совет на СДСМ, смета дека Македонија треба да ги искористи предупредувањата од ЕУ за да постигне поповолен договор со Русија.

South Stream Pipeline
Гасоводот Јужен потокФотографија: wikipedia

„Ставот на Владата на РМ дека Македонија ја продолжува реализацијата на проектот и дека ги поттикнува ЕУ и Русија со меѓусебен дијалог да ги решат отворените прашања, е погрешен пристап. Проблемот со „Јужен поток“ е адресиран од ЕУ директно до Македонија и се однесува на меѓувладин договор што РМ го има со Руската Федерација, така што не може да се упатува ЕУ да го реши проблемот во билатерални разговори со Русија, без Македонија воопшто да учествува во разговорите, бидејќи тој е од витален интерес за обезбедување на енергетската иднина на земјата. Македонија и другите земји низ кои ќе поминува гасоводот, а кои во ЕУ или сакаат да станат дел од неа, мора да обезбедат договорот да биде во целосна согласност со европското законодавство, затоа што на тој начин имаат можност да ги зачуваат и своите национални интереси. Предупредувањата на ЕУ дека договорот треба да се ревидира во однос на делот на распределбата на трошоците, пристапот на трети страни и утврдувањето на тарифите, можат да се искористат во разговорите со Русија за ревидирање на договорот во корист на Македонија. Со цел да се обезбеди реализација на проектот во интерес на сите инволвирани страни, Владата на РМ треба да настапи во координација со сите други земји низ кои ќе поминува гасоводот, и ако е тоа можно, со заеднички усогласен одговор во однос на предупредувањата на ЕУ“, потенцира Тунески.

Членките на ЕУ со заеднички став

Земјите членки на ЕУ, учеснички во проектот “Јужен поток“ веќе градат заеднички став. Тоа го соопшти словенечката премиерка Аленка Братушек, по средбата со рускиот премиер Дмитриј Медведев. Според Братушек, заеднички став на Словенија, Бугарија и Унгарија е дека можат да помогнат побрзо да се реши проблемот.

„Сите ние, членки на ЕУ, треба да го почитуваме законодавството на ЕУ. Бидејќи се работи за заеднички проект, нашата заедничката позиција може само да помогне побрзо да се решат сите прашања”, изјави Братушек. Сличен став изрази и бугарскиот министер за енергетика, Драгомир Стојнев: „Бугарија е членка на ЕУ и целосно ќе го почитува европското законодавство“. Но, се чини дека на бившите политичари полесно им е да го кажат ставот на јавноста. Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов оцени дека ЕК дека применува двојни стандарди кон Бугарија и го потсети Брисел дека не го поддржал поминувањето на „Набуко“ низ Бугарија.

„Зошто„Јужен поток“ - запрете го „Северен поток", порача Прванов.

И во земјите кои не се членки на ЕУ, неформално преовладува заеднички став: проблемот да се реши меѓу ЕУ и Русија. Српската влада уште пред неколку дена порача дека изградбата на гасоводот не е загрозена и дека евентуалните спорови околу проектот треба да ги решат Брисел и Москва. Премиерот Ивица Дачиќ потсети дека тоа не е само руски гасовод, бидејќи во него имаат сопственост и италијански, германски и француски компании.

„Тој моментално е најголем проект во Европа и ништо не зависи од Србија. Ние се наоѓаме во средина. Притоа, сметаме дека се е направено во согласност со нашите закони“, изјави Дачиќ.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Македонскиот вицепремиер Зоран СтаврескиФотографија: MIA

Преговорите ја креваат цената

Според рускиот премиер, меѓувладините спогодби за изградба на „Јужен поток“ имаат предност во однос на законодавството на ЕУ.

„Од гледна точка на меѓународното право, актите на ЕУ за земјите-членки претставуваат национално законодавство. Од гледна точка на меѓународното право, меѓувладините договори со земјите од ЕУ, низ чија територија ќе минува „Јужен поток“ се акти на меѓународното право. А во правото, генерално важи принципот за предност на меѓународното право во однос на националното законодавство“, изјави Медведев на средбата со словенечката премиерка. Сепак, тој најави дека постојат можности за компромис.

„Постојат различни можности да бидат реализирани и одлуките и интересите на ЕУ, но и проектите што ние ги предлагаме“, најави Медведев.

Случајно или не, непосредно по барањето на ЕК за ревидирање на билатералните договори за „Јужен поток“, „Газпром“ соопшти дека заради изградба на нови капацитети на локалната мрежа цената на целиот проект се зголемува за околу 20 проценти. Трошоците за проширување на рускиот гасоводен систем на “Газпром “, заедно со трошоците за самото градење на ” Јужен поток ” сега ќе изнесуваат околу 46 милијарди долари.

Остануваат непресметани единствено „политичките трошоци“ од преговорите Брисел – Москва, кои со голема веројатност може да завршат на контото на земјите учеснички во проектот.