1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ги воодушевува младите археолози од светот

22 август 2010

Меѓународната летна школа на Хераклеа, од година во година привлекува се’ поголем број млади археолози и вљубеници во археологијата. Повеќе од нив се импресионирани од природните и културни богатства на Македонија.

https://p.dw.com/p/OtSa
Младите археолози во ХераклеаФотографија: DW

Хераклеа Линкестис – античкиот град во Битола, трета година по ред е составен дел од меѓународната летна школа за археологија во организација на фондацијата Балканско наследство, Младинскиот културен центар Битола и Завод и Музеј Битола. Младите учесници, во арехологијата ги воведуваат исклучиво стручњаци, кои покрај работата на теренот, ги запознаваат со римската архитектура, нумизматиката, изработка на мозаици, документација на керамика итн.

Природни убавини, гостопримлив народ, големо културно наследство ....

Жешкото сонце воопшто не им пречи на младите археолози. Не штедејќи се, тие упорно и стрпливо работат на наоѓалиштето Хераклеа. Јан Грам од САД, првпат доаѓа не само во Македонија, туку и во овај дел на Европа: „Пејсажите се навистина многу, многу убави. Црквите, сите работи... тоа се нешта што никогаш досега не сум ги видел. Ова е навистина прекрасна земја.“

Archäologen in Heraklea Mazedonien
ХераклеаФотографија: DW

И неговата сонародничка Олферс Ал е импресионирана од убавината на природата. „Ова е мое прво доаѓање во Македонија и многу сум импресионирана од природната убавина на земјата. Таа е неверојатна и многу убава земја, исто како и луѓето кои живеат во неа.“ Таа не крие дека сака да научи повеќе за културата и историјата на Македонија.

Џонатан Моле студент на римска и ранословенска архитектура, кој доаѓа од Отава во Канада не ги крие впечатоците: „Јас сум многу импресиониран од ова место, ми се допаѓа атмосферата и посебно народот овде. Народот е многу пријатен и поопуштен.“

Оливие Лероа студент на Кралскиот колеџ во Лондон исто така првпат доаѓа во Македонија. Тој целосно е изненаден од она што го виде и доживеа во Македонија. „Навистина се стекнав со многу убав впечаток, бидејќи за мене ова беше прилика да добијам посебно искуство. Во Лондон мнозинството од моите пријатели се Грци и впечатокот ми беше погрешен. Навистина бев пријатно изненаден од земјата, ова е една земја која е многу побогата и покултивирана од она што го замислував. Пејсажите овде се фанатастични, имавме можност да го посетиме и Охрид град заштитетен од УНЕСКО.“ „Ова е земја која е во целост различна од Франција, луѓето се многу поопуштени и излегуваат почесто,“ додава Кантан.

Ohrid
Во посета и на ОхридФотографија: Petr Stojanovski

„Македонија воопшто не ја познавав пред да дојдам тука и немав никакво мислење за земјата. Многу  ми се допадна, овде е различно од она што го познаваме и по малку ми е срам да кажам дека таа е многу блиску до Франција и ние воопшто не ја познаваме. Од друга страна луѓето овде се многу гостопримливи,“ се надоврзува Грегуар кој има желба повторно да се врати.

Доаѓаат со мали очекувања, си заминуваат со голема љубов кон Македонија

Иван Василев извршен директор на фондацијата за Балканско наследство, потврдува дека учесниците кои доаѓаат од сите страни на светот многу малку знаат за Македонија и воопшто за Балканот. „Целта е, од една страна, да се привлечат повеќе меѓународни доброволци во рамките на нашите проекти и да помогнат во изучувањето и зачувувањето на различни објекти. Од друга страна со ова се популаризира балканското културно наследство и на крај се поттикнува развојот на локалниот туризам и добрите практики како и квалитетот на научните проекти.“

Archäologen in Heraklea Mazedonien
Како се прави мозаик?!Фотографија: DW

Археологот и еден од раководителите на проектот во Хераклеа, Енгин Насух кој на учесниците меѓу другото им демонстрира како се прави мозаик, не го крие задоволството: „Не радува што секоја година има се’ повеќе и повеќе интересирање, значи се’ повеќе и повеќе активни учесници во овој проект. Учесниците колку што можам да видам се извонредно задоволни. Локалитетот Хераклеа е археолошки терен, кој дава извонредно добри резултати. Тоа е многу важно кога тие групи ќе дојдат овде да работат да има наоди. Така одовде си заминуваат со една комплетна обука, а нивното задоволство и успешноста на овој проект се гледа и во тоа што некои учесници трета година доаѓаат и се пријавуваат, дури и за две сесии, што сметаме дека ова е навистина успешно“.

И неговата колешка, археологот и кораководител на проектот, Аница Ѓоргиевска го дели истото мислење: „Успеваме на студентите кои се студенти на археологија или на оние што се љубители на археологија да им ја доловиме македонската археологија. Искрено кажано доаѓаат со мали или никакви познавања за Македонија, меѓутоа се враќаат со голема љубов кон Македонија. Воопшто, ако не слушнале за Македонија, сега си одат со многу големи импресии за Македонија и не очекуваат, една вака мала земја да има толку богато и големо културно наследство.“

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
БитолаФотографија: Petar Stojanovski

Димитар Георгиевски кој се грижи за работата на теренот е и првата врска на младите странци со нивните врсници од Македонија: „Битола, воопшто земено ним им е интересен град. Тие ја доживуваат Македонија добро. Настрана од теренот тие се многу задоволни од ноќниот живот во Битола и воопшто од целиот начин на живеење тука. Ја доживуваат Македонија европски.“

Благодарам, Добро утро, вода...

Јан Грам воопшто не ја замислувал Македонија, како што ја доживеа за време на неговиот престој: „Да бидам искрен не знаев многу за Македонија пред да дојдам тука. А и тоа што го замислував воопшто не се совпаѓа со земјата во која се наоѓам.“

Biljanini Ohrid See, Mazedonien
Билјанини извориФотографија: Petar Stojanovski

Тој додава дека во САД многу малку се знае не само за Македонија, туку воопшто и за Балканот. „Мислам дека многу луѓе во САД мислат дека Македонија е нешто исто како и Грција. Што не е воопшто вистина! Тие се разликуваат многу и овде мислам дека има вистинско мешање на различни култури, што луѓето во САД не го знаат многу.“ Тој жали што поради бариерата на јазикот не успеал да контактира со повеќе негови врсници од Македонија.

„Ова е една убава земја, изненаден сум,“ вели Пјер. Тој дојде во Македонија покрај археологијата да научи и англиски, но се враќа и со основиот речник на македонски јазик: Благодарам, Добро утро и вода.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска