Македонија го прославува Илинден
2 август 2012На централното чествување на Илинден односно големиот народен собир на Мечкин Камен во Крушево ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на Македонија Ѓорге Иванов. Делегацијата, што тој ја предводи положува и цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република
На чествувањето во Крушево, како и секоја година, ќе учествуваат коњаниците кои традиционалниот Илинденски марш го почнаа од скопско Горно Лисиче на 27 јули.
Делегација на македонското собрание предводена од претседателот Трајко Вељаноски ќе положи цвеќе во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце каде истотака ќе има народен собир.
Македонскиот премиер Никола Груевски ќе положи цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“, на споменикот на Никола Карев пред Парламентот и на споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ, во центарот на Скопје.
Во битолското село Трново ќе се одржи 41. Светска македонска средба, во организација на Матицата на иселениците, Светскиот македонски конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“.