1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија го слави Илинден

2 август 2006

15-тиот Илинден од осамостојувањето, Македонија го дочекува како земја кандидат за членство во ЕУ, но со разорена, од транзицијата, економија. Пропаднати фирми и затворени фабрики, стотици илјади сиромашни и невработени граѓани. И, со отворени прашања со соседите, кои секогаш одново се актуелизираат околу втори август.

https://p.dw.com/p/Ac4S
Фотографија: DW

Премиерот на заминување, Владо Бучковски неодамна изјави:

“Ние не може да градиме европска иднина во регионот, ако имаме различна историја. Мора да признаеме дека дел од празниците кои ги славиме и чествуваме, ги слават и соседните држави, пред се бугарската држава.“

Идејата на Бучковски за заедничко македонско-бугарско чествување на Илинден наиде на отпор во македонската јавност. Претседателот Бранко Црвенковски рече:

“Мислам дека е тоа лоша идеја – Илинден, односно Илинденското востание, да се празнува како заеднички празник. Сметам дека е тоа нешто што му припаѓа на македонскиот народ и не случајно национален ден на Република Македонија е Илинден.Од друга страна знаеме дека оспорувањата на македонскиот национален идентитет сеуште опстојуваат и од тие причини ние не би требало со некакви наши постапки да ги охрабруваме тие оспорувања или да го намалуваме имунолошкиот систем кој што ни е неопходен и во наредниот период. “

Србија и годинава не и дозволува на македонската делегација пристап во Прохор Пчински, манастирот во кој пред 62 години се удрени темелите на македонската држава. Српската црква го условува пристапот во местото каде што се одржа АСНОМ со слобода за Вранишковски, екс-владиката кој формираше паралелна црква во Македонија. Македонија одбива да се пазари. Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан рече:

“Илинден треба да го одбележуваме секаде, а вие знаете како е да се отиде во Прохор Пчински и не би сакал да го поставуваме тоа прашање бидејќи најмногу треба да го одбележуваме таму каде што Илинден всушност започнал. Крушево е местото на сите причини за сите други славења. “

Мандатарот Никола Груевски порача:

“Мислам дека додека не се реши проблемот меѓу МПЦ и СПЦ ние треба да најдеме достоинствен начин тоа да го правиме на друга локација – тоа може да биде литургија во црква или нешто друго. Ми се чини дека секоја година барање и чекање со месеци на одговор дали СПЦ ќе ни дозволи да влеземе зад портите на манастирот Прохор Пчински не е достоинствено за Република Македонија и тоа најчесто завршува со одбивање или пак прифаќање од условен карактер - дека мора да се поздравиме со определени личности, односно дека ако не се поздравиме нема да бидеме добредојдени„.

Додека не се реши македонско-српскиот црковен спор, алтернатива за Прохор Пчински е меморијалниот центар Пелинце. Таму денеска се обраќа новиот собраниски претседател, Љубиша Георгиевски. Мандатарот Никола Груевски прославува во Трново, а во Илинденско Крушево, каде ноќеска беше изведен импровизиран напад во спомен на востанието и Крушевската република, од Мечкин камен се обраќа претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски.