1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија да го фати „шпанскиот воз“

7 мај 2010

Роза Балфур, аналитичар во Европскиот политички центар во Брисел: Македонија не смее да чека Грција да посака решение за името, туку треба да притиска и да ги употреби сите расположливи средства.

https://p.dw.com/p/NGph
Фотографија: Petr Stojanovski

Се ближи јуни и крајот на шпанското претседателство, но изгледите Македонија да добие датум за старт на преговори се неизвесни.

Причини за тоа има повеќе, јасно е дека Грција е една од пречките, но ни забавувањето на реформскиот процес во земјата не е за потценување.

Роза Балфур, аналитичар во Европскиот политички центар во Брисел, еден од највлијателните тинк тенкови во европските кругови, потврдува:

“Македонија навистина треба да се фокусира на она што го сакаат граѓаните, на кои им е се‘ понеиздржлива оваа неизвесност. Второ, треба да се разбере дека оваа неизвесност создаде многу негативни последици во државата, тензии помеѓу двете главни етнички заедници. Лидерите треба да бидат попрагматични во барањата за името. Најважно е Македонија да добие датум за преговори, наместо да се држи за унилатерален став за иднината на името.“

Другата објективна пречка, но и она што остава најголем простор за неизвесност околу прашањето за датум за преговори е како ќе се однесува Грција, особено во овие кризни мигови.

Можни се две опции

“Од една страна, Грција може да посака брзо решавање на проблемот со името затоа што ќе сака да го симне од дневен ред и да се фокусира на сопствените домашни проблеми. Од друга страна, би можело да биде политички претешко за Грција да донесе одлука и во тој случај би дошло до одлагање на преговорите за името.“

Symbolbild Spanien übernimmt das EU Präsidentschaft von Schweden
Да „се фати возот“ со шпанското претседателство со ЕУФотографија: DW

ЕУ во декември минатата година даде рок од шест месеци за решавање на спорот за името и добивање датум за преговори.

Волја за преговори со Македонија има, велат експертите, но нема начин за притискање на Грција, која е полноправна членка на Унијата. Балфур признава сепак дека Европа треба да направи поголем притисок врз Атина.

Со новонастаната криза во Грција, работите се усложнуваат. Македонија од своја страна не смее да чека Грција да посака решение за името, туку треба да притиска и да ги употреби сите расположливи средства. Истовремено не смее да ги запостави европските реформи и меѓуетничките односи, кои се единствен пат кон подобар живот за граѓаните.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска