1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија добива последна опомена

Тони Гламчевски10 септември 2008

Комитетот за спречување на тортурата и нечовечко и понижувачко однесување или казнување, во Стразбур го објавува најновиот извештај за ситуацијата во затворите во Македонија. Во 2007-ма год. ситуацијата станала полоша.

https://p.dw.com/p/FFEC
Фотографија: Flickr/Still Burning

Кога се чита најновиот извештај на Комитетот за спречување на тортурата и нечовечко и понижувачко однесување или казнување (независен орган на Советот на Европа), кој има за цел да ја спречи тортурата и нечовечкото и понижувачко однесување или казнување во Европа, се добива непријатна слика за македонските установи во кои се чуваат лицата лишени од слобода. Прекумерна употреба на сила од полицијата, посебно тука се посочени припадниците на „Алфите“, или истражните одделенија, или пак праксата на тепање затвореници од страна на чуварите. И не само тоа. Според Комитетот, македонските затвори се опасни како за затворениците, така и за персоналот. Наведен е недостигот на хигиена и лошата здравствена заштита. Комитетот притоа констатира дека многу прашања поставени во претходниот извештај не се одговорени од надлежните македонски власти, што се јасни примери за недостаток на соработка.

„Нема подобрување на ситуацијата и таа стана уште полоша во 2007-ма. Ние ја посетивме Македонија во 2006-та, 2007-ма и 2008-ма година. Бројноста на нашите посети зборува дека ситуацијата е проблематична, да не речам страшна. Материјалните услови на затворите се за жалење, а од друга страна ситуацијата во која групи на затвореници не се контролираат и се оставени на нивната судбина е неприфатлива. Всушност, не постои вистинско раководење со затворите“, вели Мауро Палма.

Ситуацијата во затворите Идризово и Шутка е особено проблематична

„Ние констатиравме неприфатливи ситуации на индивидуални и колективни случаи на лошо постапување. Така, малолетници и млади се врзуваат со синџири. При нашата посета првиот ден најдовме еден млад човек врзан со синџири, другиот ден еден друг малолетник. Ако нештата не се променат ќе бидеме приморани да направиме јавна декларација“, вели Мауро Палма и додава:

„Македонија мора да исполни три препораки. Првата е систематска и долгорочна програма за закрепнување на затворскиот систем. Второ, потребни се стабилни раководни органи за затворските установи, кои нема да се менуваат секогаш кога се менува владата, органи кои ќе бидат реално независни и професионални. И трето, потребно е да бидат утврдени сите случаи на лошо постапување во затворите.“

Ова може да се сфати како последно предупредување од Комитетот за превенција на тортурата и нечовечкото, понижувачко однесување и казнување испратено до Македонија.

„Ако Македонија тежнее да влезе во Европската Унија, европските власти се подготвени да ги поддржат напорите на Македонија. Исполнувањето на трите елементи се предуслов за влегување во Европа во рамките на заштитата на фундаменталните права“, нагласи за радио Дојче Веле, претседателот на Комитетот, Мауро Палма.