1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија доби препорака за почеток на преговори со ЕУ

14 октомври 2009

Еврокомесарот за проширување Оли Рен, денеска (14.10.09) во Брисел соопшти дека Европската комисија препорача отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Македонија.

https://p.dw.com/p/K63R
Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

Европската комисија препорача отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Македонија, соопшти еврокомесарот за проширување Оли Рен во Брисел. Оваа историска одлука на Комисијата означува нова страница во македонско-европските односи, но и поттик за владата во Скопје да најде решение за спорот со Грција, порача напладне еврокомесарот Оли Рен.

„Сега можеме да препорачаме отворање на преговори за членство со ПЈРМ. Земјата оствари уверлив напредок и суштински се осврна на клучните реформски приоритети коишто во нивниот жаргон се нарекуваат 8 плус 1 одредница. Комисијата смета дека земјата ги задоволува критериумите од Копенхаген и овие елементи овозможија да препорача преговори за членство. Верувам дека Владата во Скопје ќе го сфати ова како мошне силен поттик и охрабрување конечно да го разреши прашањето за името, кое што е тука веќе 18 години“, рече Рен.

Со оваа препорака, Македонија може да се надева наскоро да ги започне претпристапните преговори, но не смее да заборави дека Грција може да стави вето доколку нема компромис за спорот со името до декември.

Европската комисија објави и нова стратегија за проширување на Европската унија во која се бара од Балканските земји да ги решаваат билaтералните спорови без да го оптоваруваат евроинтегративниот процес.

Што се однесува до другите земји од Балканот, Европската комисија оценува дека Хрватска може да ги заврши преговорите наредната година, а Албанија и Црна Гора се во исчекување на кандидатски статус. Проблематични остануваат Косово и Босна и Херцеговина.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска