1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - држава со скапи недвижности

21 јануари 2010

Банките во Македонија постепено ја омекнуваат кредитната политика и најавуваат намалување на каматните стапки. Сепак, да се стигне до сопствен дом не е воопшто лесно.

https://p.dw.com/p/LcMO
СкопјеФотографија: DW

Цените на пазарот на недвижности во Македонија се високи, а градежниците не кријат дека имаат намера и натаму да ги креваат. „Неможе да се очекува намалување на цената на становите, напротив со добивањето на датум и со зачленувањето во ЕУ и НАТО цените на становите ќе се зголемат за 30 - 40 проценти“, вели Томе Костадиновски менаџер во фирмата „Конструктор инжинеринг“.

Владата го намали данокот на додадена вредност (ДДВ) на становите од 18 на 5 проценти во септември лани, но тоа засега не ги спушти цените. Јавното станбено претпријатие се обидува да им конкурира на градежните гиганти. Гради станови за млади брачни двојки и ги продава по пониска цена од пазарната но понудата е ограничена, а побарувачката голема. За еден стан има повеќе од 5 апликации, објаснува директорот Владимир Бохчовановски. „Цената ја одредува побарувачката и приватниот сектор. Никој неможе да го ограничи, но се трудиме на некој начин да им конкурираме.“

Високи камати и долга процедура за добивање кредит

Mazedonien Land und Leute
СкопјеФотографија: DW

Просечната цена за квадратен метар во Скопје е над 1000 евра. Обично македонско семејство тешко може да купи стан без многу да се задолжи во банка. Бобан и Марија го сторија тоа за да можат да се одвојат од родителите и со својата четиригодишна ќерка да живеат во скопската населба Капиштец. Тоа ги прави долгогодишни должници и ги принудува да ги скусат трошоците. „Не е лено, цела моја плата и плус дел од платата на сопругот оди како рата за отплата. Зедовме кредит на 20 години ратата е околу 350 евра, што е две третини од нашите заеднички примања. Затоа, мора да се штеди“.

Високи камати од 8,5 проценти, долга и сложена процедура за добивање кредит - банките ги штитат станбените кредите со големи хипотеки. Банкарите не кријат дека условите се заострени. Какви ќе бидат движењата на пазарот на недвижности е тешко да се предвиди. Македонија се смета за држава со скапи недвижности, а врз формирањето на цената влијаат нелојалната конкуренција, скапото градежно земјиште, сложените постапки за добивање дозволи.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска