1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е во апсурдна ситуација

Тони Гламчевски19 април 2013

Во момент кога ЕП забележува дека Србија „значително напредува“ во исполнување на критериумите, Црна Гора води преговори, Косово е во реформи, а Хрватска наскоро станува член на ЕУ, се поставува прашањето - што е со РМ?

https://p.dw.com/p/18IlS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонија не беше на официјалниот дневен ред на априлската пленарна сесија во Стразбур, извештајот за нејзиниот напредок, подготвен од Ричард Хауит, ќе биде разгледуван во мај. Комесарот за проширување Штефан Филе во својот Специјален извештај за Македонија напиша дека таа „продолжува со реформите и главно се врати на европскиот колосек по настаните од 24 декември, односите со соседите се добри, а формалните разговори за решавање на прашањето за името добија импулс“ со новиот предлог од посредникот Метју Нимиц од минатата недела. Kомисијата во самиот извештај не ја споменува препораката за почеток на преговори, но во соопштението за објавувањето на извештајот стои дека „информациите во извештајот треба да бидат инпут за одлуките на Советот во јуни за почеток на преговори“.

Како на ситуацијата во Македонија по најновиот извештај на Филе гледаат тројцата известувачи во ЕП, Јелко Кацин за Србија, Улрике Луначек за Косово и Чарлс Танок за Црна Гора?

Македонија пропушти прилика пред две години

Словенечкиот европратеник Јелко Кацин (либерали), е директен - според него, Црна Гора, Србија и Косово напредуваат, додека Македонија е дел од земјите кои тапкаат во место. Тој вели дека не е дипломат, туку политичар и затоа сака да испрати јасна порака до македонското раководство, набројувајќи некои од „неуспесите“ на Македонија:

Jelko Kacin
Јелко КацинФотографија: by-nc-sa/ALDEADLE

„Договорот меѓу Македонија и Грција беше скоро постигнат, тоа не е тајна. Македонија беше таа која побара повеќе време со одложување на договорот по изборите. Потоа кризата се влоши во Грција. Според мене, проблемот во евроинтеграциите се наоѓа во Скопје.  Ако пред две години беше постигнат договор со Грција, Македонија ќе ја надминеше Црна Гора. Тоа е пропуштена прилика“, вели Кацин.

Словечкиот европратеник нагласува дека некои од одлуките кои се донесуваат од една личност „ја враќа земјата назад“, посебно критикувајќи го прегласувањето на општинските избори во општината Центар во Скопје. Кацин посебно беше критичен за прегласувањето на општинските избори во Центар и слободата на медиумите во Македонија.

Грешката не е само во Скопје

Австриската европратеничка Урлике Луначек од групата на Зелените мисли дека причините за застојот на Македонија во евроинтеграциите не треба да се бара само во Скопје.

Ulrike Lunacek Österreich Europäisches Parlament
Улрике ЛуначекФотографија: AP

„Грешката не е само во владата во Скопје, која создава проблеми со својот претеран национализам во последниве години. Проблемот е и во Грција, многумина од нас го подвлекоа тој проблем и се обидуваме да преговараме со неа, а направени беа и големи напори од комесарот Филе за да се постигне компромис меѓу нив. Компромисот е потребен, двете страни треба да ги променат своите позиции, без тоа ќе има проблеми. Ние предложивме еден процес на решавање на спорови меѓу земји членки и кандидати, како тој меѓу Словенија и Хрватска, но тоа останува да се реализира“, вели известувачката за Косово.

Без голем оптимизам дека ќе има датум за преговори во јуни

Британскиот европратеник Чарлс Танок од групата на европските конзервативци и реформисти не верува дека во јуни ќе биде донесена одлука за почеток на преговорите со Македонија.

„Не, тука е се‘ уште прашањето за името. Сите земји се за, освен Грција која го користи своето вето и тука не може ништо да се направи.“

Charles Tannock Europa Parlament
Чарлс ТанокФотографија: AP

Притоа, известувачот за Црна Гора додава:

„Кога станува збор за Грција, се‘ уште сум оптимист, но оптимист сум уште од пред седум-осум години и тоа барем засега не даде позитивни резултати. Сега навистина не знам, бидејќи покрај економската криза во Грција и сега во Кипар, тоа значи дека ние не сме фокусирани врз прашањето за името на Република Македонија и тоа, според мене, не е меѓународен приоритет, ниту за ОН, ниту за ЕУ. Знам дека Нимиц имаше средба со двете страни, ги слушаме сугестиите, но барем засега не гледам позитивен резултат во идните месеци на билатерален план Атина -Скопје.“

Односите со Бугарија се подобруваат

Чарлс Танок е на мислење дека односите на Македонија со Бугарија се подобри од порано. Но тоа што понекогаш се слуша од највисоките претставници на бугарската страна за него е неприфатливо, како изјавите дека таа е дел од историската Бугарија или дека јазикот е ист:

„Тоа се провокации. Се надевам дека со новата влада од Софија односите ќе бидат подобри, бидејќи една мала земја како Македонија не може да си дозволи да има проблеми со две соседни земји, проблеми кои допираат во идентитетот, реваншизмот и иредентизмот, како и правото секој да избира како сака да се нарекува. Јас отсекогаш се залагам секоја држава да го избира своето сопствено име. За еден странец, како што сум јас, кој нема никаква врска со Балканот, треба да кажам дека отсекогаш сум и‘ бил пријател на Грција и Кипар и прашањето за името е целсоно неразбирливо.“

Ситуација во која сите други земји од Западен Балкан напредуваат кон ЕУ, додека Македонија чека датум за преговори, според Танок е апсурдна:

„Изгледа апсурдно кога ќе се види дека Хрватска ќе стане членка за неколку месеци на ЕУ, посебно ако се знае дека таа стана кандидат за членство скоро истовремено со Македонија, тоа е неправедно. Ние се наоѓаме во ќорсокак и се надевам дека Грција ќе најде решение“, завршува британскиот европратеник.