Македонија е во сигурни раце!
25 септември 2009Односите на Македонија со Европската унија, со НАТО или спорот околу името, сиве овие прашања беа сфера на делување на пратениците Валтер Колбо, Ута Цапф и Детлев Ѕембритцки од редовите на СПД. Од понеделник меѓутоа Колбо и Ѕембритцки заминуваат, а активна останува само Ута Цапф.
“Сакам и натаму да работам на она што и досега беше моја задача во германскиот Бундестаг: Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Турција и разоружувањето”. Изјави меѓу две средби со граѓаните на Офенбах Ута Цапф, забележувајќи дека отворените врати за Македонија во НАТО остануваат. Што се однесува до приклучувањето кон ЕУ, таа потсети дека исполнувањето на критериумите и преговорите бараат време. Но, волја постои, особено сега кога се отстранети пречките за стапување во сила на Лисабонскиот договор.
Нови сили во Бундестагот...
Нејзиниот колега Валтер Колбо не се кандидираше за новиот состав на Бундестагот, но од Вицбург порача:
“Македонија останува во добри раце. Јас и натаму ќе бидам претседател на Геманско-македонското друштво, а во Бундестагот доаѓаат нови сили кои ќе се занимаваат со Југоисточна Европа и односите меѓу Германија и Македонија. Би го споменал само Јоханес Јунг, млад пратеник од Карлсруе, Баден Виртемберг, и Јосип Јуратовиќ, кој Југоисточна Европа како своја татковина многу добро ја познава. Тој во Бундестагот ги застапува односите меѓу Германија и Југоисточна Европа, па тука сигурно ќе се грижи и за Македонија”.
Активни и старите парламентарци
Доколку ЦДУ не добие помалку од 10 проценти во изборната единица од Хамбург, во Бундестагот уште еден мандат ќе добие и Јирген Климке. Тој очекува да биде и натаму активен во парламентарната група за Југоисточна Европа и Комисијата за развој каде би се грижел за регинот, а со тоа и за Македонија.
“И натаму ќе бидам член на германскиот Бундестаг, зашто моето место е сигурно! “– самоуверено коментира либералот Рајнер Штинер. Тој вели дека никој не знае што ќе биде по изборите, каква ќе биде распределбата на власта и коалицирањето. Но, убеден е дека и натаму ќе биде ангажиран околу надворешно-политички и теми од сферата на безбедноста. Во оваа смисла во фокусот на неговата работа и натаму ќе биде Југоисточна Европа, а со тоа и Македонија.
Моника Кнохе од германската Партија на левите и Михаел Штибген од ЦДУ, кои во изминативе четири години реагираа за одредени случувања во Македонија, деновиве се борат за гласовите на избирачите и неизвесно е дали и во иднина ќе бидат членови на Бундестагот.
Автор: Силвера Падори
Редактор: Жана Ацеска