1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е стабилна држава

Разговорот го водеше Нада Штајнман21 август 2006

Неделивоста и државниот интегритет на Македонија, како и откажувањето од насилство се главните приоритети на Охридскиот рамковен договор, кого и владата и опозицијата во Македонија треба да ги почитува. Ова важи и за новата влада на премиерот Груевски, чии ветувања ќе се оценат по првите 100 дена од неговото владеење, изјави за Дојче Веле германскиот експерт Улрих Клепман, раководител на фондацијата Конрад

https://p.dw.com/p/Adci
Фондација Конрад Аденауер
Фондација Конрад Аденауер

Аденауер во Скопје. Со Клепман разговараше Нада Штајнман.

Дојче Веле: Господине Клепман, Македонија штотуку ја одбележа пет годинишнината од потпишувањето на Охридскиот договор. Ако правиме биланс, што според вашето мислење е постигнато во изминатите години?

Улрих Клепман: Мислам дека можам да се приклучам на она што го рекоа и бројните дипломати во Скопје, имено дека Охридскиот договор е главно остварен. Дали е тоа причина за славење, тоа јас како странец не би можел да пресудам, бидејќи тоа треба да го кажат Македонците, Албанците, Ромите, Турците и другите кои живеат во земјата.

Македонија има нова влада во која не влезе албанската партија ДУИ. ДУИ на почетокото не сакаше да оди во опиозиција, но во меѓувреме се соглчаси со тоа. Погледнато на овој конкрететн пример како се спорведува Охридскиот договор во политиката?

Мислам дека секој би требало уште еднаш да си го прочита Охридскиот рамковен договор. Јас тоа го сторив исто и бев зачуден како сум можел нешто да заборавам. Мислам дека тоа им се случило на некои и во политичкиот живот во Македонија. Ако го прочитаат уште еднаш, ќе сфатат дека токму во првите реченици се содржани некои елементи кои не беа испочитувани во последните недели. Неделливост и државниот интегритет на Македонија стојат на највисоко место, како и откажувањето од насилство. Мислам дека на тоа треба да се присетат сите оние кои го потпишаа.

За оние партии кои сега одат во опозиција, треба да сфатат дека и опозицијата во една демократска земја има многу важна улога и може да учествува во обликувањето на многу процеси. Тука е добар пример и ВМРО ДПМНЕ во последниот легислативен период.

Новата влада под водство на премиерот Груевски треба да биде влада на млади кадри. Тој како технократ си постави високи цели, пред се‘ да ја поправи состојбата на економски план. Што очекувате Вие од неговата влада?

Се надевам дека токму подобрувањето на економијата и со тоа и на животниот стандард за Македонците ќе донесат суштинско подобрување за целата земја. Зашто едно е јасно: ако економијата остане на сегашното ниво, во Македонија нема да се создаде клима на обнова, на подобрување на ситуацијата. Тоа е битно и за интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Сметам дека младиот тим, со нови идеи и искуство од странство, секако прилагодени на македонски услови, ќе може да донесе нови импулси. Сега треба да причекаме и да видиме како ќе минат првите 100 дена од новата влада за да видиме какви нови идеи има, да ги преиспита уште еднаш ветувањата од изборната програма и да ги подобри. И да видиме како ќе се постави кон соседните земји, за да се создаде нова синергија со нив, што би и‘ помогнала за да работи подобро.

Македонија имаше веќе повеќе влади и сите ветуваа многу. Зошто би требало сега на Груевски да му се верува и што би можело да биде поинаку во однос на претходните, така што би можело да очекуваме успех?

Би можеле да кажеме дека секоја партија пред изборите ветува нешто што подоцна не може да го исполни, така е во Германија, така е во другите земји на ЕУ, така е и во САД, во Русија, па ни во Македонија нема да биде поинаку. Но, сакам да нагласам дека Никола Груевски нагласи дека сака да биде просудуван врз основа на неговата програма. Мислам дека тоа е нешто ново, кога еден политичар вели, мерете ги моите постигнувања врз основа на моите дела, ако не го остварам ова или она и тоа во рокот што е поставен.

И уште нешто е важно, имено, фактот дека Македонија сега има кандидатски статус. Таа се наоѓа под засилен мониторинг на ЕУ и мора да докаже дека е способна да ги реализира реформите.

До сега бевме сведоци на еден вид реваншизам при смената на власта во макеоднскотот општество. Ќе биде ли овој пат нешто поинаку?

Па зависи што подразбирате под реваншизам, но мислам дека и таму ќе биде слично како и во другите земји, имено дека партиите во новата влада прво мораат да си најдат новата улога. Ќе судиме по првите 100 дена од владеењето, но јас се надевам дека нема да дојде до создавање на реваншистички систем, бидејќи за такво нешто новата влада нема да има ни време.

До сега во Македонија политичарите повеќе водеа сметка за јакнење на интересите на сопствената партија, а помалку на државните интереси. Дали можеме да очекуваме промена и на тој план?

Јас сум уверен во тоа дека нешто мора да се смени и новиот млад тим и треба да испрати сигнал дека нешто ќе се измени. Нагласувам уште еднаш дека Македонија го има статусот на кандидат и не може секој да прави што сака. Тоа го видовме и кај претходната влада, дека многу брзо доаѓаа реакции од Брисел или од европските метрополи кога нешто се случуваше што не беше во склад со европските стандарди. Така и новата ќе се чувствутва обврзана да се движи во насока на посакуваниот развој на Македонија.

Германија, односно Западот отекогаш играше голема улога во изборниот процес во Македонија, така беше и овој пат. Колку му е важна Македонија уште на Западот? Има ли Западот се‘ уште свои интереси поврзани со Македонија и какви се тие?

За жал морам да кажам дека интересот за Македонија во јавноста е нешто опаднат. До пред некоја година имаше уште германски војници во Македонија и политиката беше многу позаинтересирана. Во меѓувреме нема речиси никави странски сили и тоа значи дека интересот се помести кон други кризни региони, како Ирак, Авганистан или Либан. Тоа не и е од полза на Македонија, бидејќи додека фокусот беше насочен кон неа, земјата профитираше. Тука беше на пример и Пактот за стабилност. Мене лично ми е жал заради таквото опаѓање на интересот. Се надевам дека новата влада ќе стори повеќе за да ја подигне важноста на Македонија на меѓународен план. За многу Германци, кои секоја година пропатуваат низ Македонија од север кон југ, за нив би било вредно да ја запознаат земјата повеќе отколку само да ја видат од автопат.

Македонија се наоѓа во подрачје каде од секогаш се судирале интересите. Иако меѓународната заедница веќе многу што постигна, на полето на меѓуетничките односи се‘ уште немаме јасна линија. А истото важи и за односите со соседите. Македонија се‘ уште нема сосема расчистени односи со соседните земји. Што може да очекуваме во наредно време, мислите ли дека ќе има проблеми во тој поглед?

Се надевам дека нема да има проблеми, секоја нова влада значи и нов почеток и верувам дека во односите кон Грција ќе има и подобрување. Бидејќи Грција е најголем странски вложувач во Македонија и има свои интереси. Не можам да си замислам дека Грција би имала интерес да ја дестабилизира Македонија или да воспостави лоши односи со неа. Истото е и со другите соседни земји. Што се однесува до Бугарија, мислам дека односите може уште да се подобрат. Бугарија е на пат кон полно членство во ЕУ, наскоро тоа ќе биде втор европски сосед на Македонија. И мислам дека врз основа на сличната култура и јазик би можело тука да се создаде поголема синергија, склад на односите. Што се однесува до Србија, Македонија беше долго време тесно поврзан јужен дел од заедничката држава и тука има силни врски. Но, сега владата во Белград е повеќе зафатена со проблемите околу Косово, отколку со односите со Скопје. А односите кон Албанија и Косово, како и да биде решен неговиот статус, не верувам дека ќе претставуваат проблем за Македонија. Од неа не произлегува никаква опасност, Македонија сака мирно да живее со соседите и мислам дека воопшто сите земји во регионот треба да го видат својот интерес во развивањето меѓусебна соработка.

Меѓуетничките односи не се развија како што очекуваше меѓународната заедница.Но сепак може ли да се каже дека Македонија сега е стабилна како држава?

Да, уверен сум дека Македонија е стабилна држава. Конфликтите спроти формирањето на новата влада беа на линија меѓу два политички табора, а не меѓу етничките групи. Мислам дека Македонија до таа мера ги има регулирано меѓу-етничките односи, што нема ни да има конфликти на таа основа. Тоа не сакам 100% да го исклучам, но цврсто сум уверен дека во Македонија владее стабилен систем, во кој двете големи етнички групи можат да живеат заедно на мирен начин. Мислам дека навистина никој нема интерес да се создаваат напнатости, да доаѓа повторно до судири. Луѓето сакаат едноставно мирно да живеат, да работат и да заработуваат, а проблемите што при тоа се јавуваат, тие можат и вака да решат.

Не сакам да ви го пореметувам оптимизмот, но таму во регионот е и Косово, а неговиот статус се‘ уште не регулиран. Дали се умрени соништата за Голема Албанија?

Што се однесува до Голема Албанија, не можам да кажам многу, бидејќи не ги познавам толку добро односите во Албанија и на Косово. Сепак мислам дека многу странски политичари погрешиле ако виделе албанско знаме и при тоа мислеле дека тоа е знак за Голема Албанија. Тоа знаме е симбол на Албанците општо. Тоа што е тоа и знаме на државата, веројатно се должи на тоа што порано не ни имало други симболи. Ако некој Албанец во Тетово прашате дали сака да биде под власта на Тирана, многу сум уверен дека ќе рече: не! И тоа е така со сите Албанци и во Приштина и во Тирана. Тоа се должи на разликите меѓу Албанците во Албанија, на Косово и во Македонија. Мислам дека тие сакаат да останат таму каде што се. Мислам дека на Албанците во Западна Македонија навистина добро им оди во економска смисла.