1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија заслужува покана во НАТО

Борис Георгиевски6 април 2008

Aмериканскиот експерт Чарлс Купчан оценува дека прашање на време е кога Македонија ќе се приклучи во НАТО. Купчан кој е професор на Универзитетот во Џорџтаун за ДВ истакнува и дека Македонија залужува покана за НАТО.

https://p.dw.com/p/Dcsc
НАТО

Без разлика на неуспехот на самитот во Букурешт прашање на време е кога Македонија ќе влезе во НАТО, оценува во разговор за Дојче Веле Чарлс Купчан, професор по меѓународни односи на Универзитетот Џорџтаун и поранешен директор за европски прашања во американскиот совет за безбедност во администрацијата на претседателот Бил Клинтон.

Купчан вели дека одлуката да не и се додели покана на Македонија поради грчкото вето не е добра за регионот, но смета дека таквиот проблем може да се надмине многу брзо доколку се реши спорот за името со Грција.

„Мислам дека не е добро што проблемите околу името го спречија приемот на Македонија во НАТО. Мислам дека Македонија целосно заслужува да биде во актуелниот бран на проширување со Албанија и Хрватска, и сметам дека е многу важно за регионот во време кога нови нестабилности се појавуваат поради отцепувањето на Косово од Србија и влијанието на тоа отцепување врз српската политика. По таквите настани беше потребно стабилизирање и сметам дека доколку сите три земји добиеја покани тоа ќе беше некаква гаранција за безбедноста. Сепак верувам дека прашањето за името ќе биде решено во не толку далечна иднина и дека вратата на НАТО ќе и биде отворена на Македонија преку тие преговори“.

Купчан очекува дека американската администрација ќе остане инволвирана во напорите да се реши проблемот меѓу Македонија и Грција, а временската рамка за решение, според него е до завршувањето на мандатот на Џорџ Буш во Белата куќа. Македонија, вели тој, не се соочува со никакви безбедносни закани во моментов, а најавениот биталерален договор со САД го смета повеќе за симболичен чин.

„Мислам дека во Вашингтон на овој билатерален договор се гледа како на симболичен чекор за да и се компензира на земјата поради тоа што не беше вклучена во бранот проширување во НАТО. Во моментов нема надворешни закани со кои Македонија се соочува и како резултат на тоа гаранциите од САД би требало да се доволни за земјата да остане на една цврста и безбедна позиција до решавањето на проблемот со името и нејзиното конечно вклучување во НАТО“.

Купчан е оптимист дека Македонија набрзо ќе стане дел од НАТО и од ЕУ. Според него единствената непознаница и најголемата опасност во регионот е кој пат ќе го избере Србија по изборите во таа земја во мај годинава.