1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија заслужува прием во НАТО

Горан Петрески14 март 2008

За амбасадорите во НАТО од Данска, Холандија и Франција спорот со името со Грција е билатерален а не проблем на Алијансата, но треба да се реши што поскоро зашто пречи на интеграцијата на земјата во сојузот

https://p.dw.com/p/DOWT
Во Алијансата во Брисел владее позитивен став кон МакедонијаФотографија: AP

Како наближува самитот во Алијансата, така расте притисокот врз Македонија да покаже поголема флексибилност во решавањето на проблемот со името со Грција, иако за НАТО амбасадорите на Данска, Холандија и Франција кои денеска се во Скопје, прашањето за името е билатерален спор, а не проблем на сојузот. Сепак на денешната средба со државниот врв на Македонија дипломатите сугерирале дека е добро овој проблем да биде решен што поскоро.

Македонија ги има исполнето критериумите за приклучување кон НАТО, но отвореното прашање со јужниот сосед може да влијае врз интеграцијата на земјата во Алијансата. Ова е пораката што во Скопје ја донесоа дипломатите од Брисел. Данскиот амбасадор во НАТО Перл Пурлспирехансен смета дека ситуацијата во седиштето на НАТО во Брисел е многу позитивна за Македонија, но сеуште не е донесена конечната одлука за приемот на трите земји кандидати, решението ќе биде познато во Букурешт.

Неговиот холандски колега Херман Шапер рече дека со домаќините не разговарал за прашањето за името,а клучно е дека реформите се остварени и критериумите за прием исполнети.

Македонија придонесува во мировните мисии

Тројката амбасадори од НАТО ја пренесе поддршката од Франција, Данска и Холандија за прием на Јадранската група во Алијансата во пакет. Амбасадорите беа презадоволни од реформите спроведени во одбраната.

Министерот за одбрана на Македонија Лазар Еленовски изјави дека Македонија веќе придонесува како нормална членка на НАТО, посебно со придонесот што го дава во мировните мисии.

Тројцата амбасадори од НАТО имаа средби и со премиерот Никола Груевски , со претседателот на државата Бранко Црвенковски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

Во одговор на писмата со кои Црвенковски бараше поддршка од членките на НАТО, тој добил потврда од францускиот претседател Никола Саркози, италијанскиот Џорџо Наполитано, романскиот Трајан Басеску, од холандската кралица Беатрикс и од министерот за надворешни работи на Британија Дејвид Милибанд дека ќе ја поддржат Македонија која ги исполнува критериумите за членство во НАТО.