1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија има вредни стари ракописи

Антоанела Димитриевска2 септември 2012

Во институциите во РМ има околу илјада вредни старословенски ракописи и ракописни книги, а не се знае нивниот број во приватните колекции. Тоа е само мал дел од книжевното богатство што земјата го поседувала низ вековите

https://p.dw.com/p/162Aj
Фотографија: Antoanela Dimitrievska

Претстојната изложба на 39 стари репрезентативни ракописи од Македонија во Белгија во октомври годинава, насловена „Илјада години писмена традиција во Македонија“, го иницира прашањето - колку вредно книжевно наследство поседува Македонија? Миле Бошески, директор на НУБ „Свети Климент Охридски“, за ДВ појаснува:

„Овие ракописи кои ќе бидат презентирани во Белгија во најголем дел се од НУБ ’Свети Климент Охридски’ од Скопје, а дел и од Државниот архив на Македонија, Заводот за заштита и Музеј Охрид, Историскиот архив Охрид и Музејот во Битола. Освен овие, вакви вредни ракописи од 13 до 19 век поседуваат уште неколку институции - МПЦ, бројни цркви и манастири, Богословскиот факултет, Архивот на Македонија, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, МАНУ и други институции, а и одделни градски библиотеки во земјава по примерок- два. Но најголем дел - 350 вредни стари ракописи и книги има токму во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Најголем дел од ракописите кои ќе бидат презентирани во странство се со религиозна содржина. Најстариот е ’Фрагмент од посен триод’ од 13 век, што претставува само еден лист на пергамент, но многу вреден. Еден од највредните ракописи, кој е единствен во светот, а во кој има и фрагменти од глаголицата е ’Вруточкото четвороевангелие’ од 13 и 14 век. Најголем дел од словенските ракописи од 10 и 11 век се разграбани и однесени во соседните земји - Бугарија, Србија, а има и во Хрватска, Русија, Украина и Полска, каде се наоѓаат и највредните староракописни дела од Македонија“, посочува Бошески.

Mile Boseski Direktor Volks- und Universitätsbibliothek Skopje
Миле БошескиФотографија: Antoanela Dimitrievska

Според некои научници, ракописи има и во Виена и Ватикан.

Заштита и конзервација на вредното ракописно наследство на Македонија

„Ова изложба не‘ поттикна да видиме во каква состојба се наоѓа ова вредно книжевно културно наследство. Констатиравме дека одреден број примероци кои се во лоша состојба, е потребно веднаш да се заштитат и реставрираат. На тоа веќе работиме во нашата лабораторија“, потенцира Бошески.

Зорица Јаковлеска Спировска, раководител на Одделот за заштита на библиотечни материјали при НУБ „Свети Климент Охридски“ за ДВ вели:

„Овој оддел се состои од три дела - лабораторијата за конзервација, микрофилмската лабораторија и подврзијата или книговрзницата. Постапката според која се заштитуваат може да биде рачна, механичка и машинска, а овие вредни ракописи и ракописни книги се реставрираат и заштитуваат исклучиво рачно. Се набавуваат најдобри светски материјали за оваа намена, бидејќи е многу важно тие да не бидат штетни по оригиналот којшто се заштитува. Се заштитува лист по лист, а таму каде што недостасува се додава рачно произведена хартија од соодветно потекло. Пред реставрацијата листовите претходно се чистат, се отстрануваат дамките, во зависност од видот на материјалот, видот на хартијата и видот на мастилото, а прво се прави суво чистење. Влажното чистење е со органски растворувачи и со вода. Потоа се врши процесот на реставрација, додавање на некои делови од хартијата кои недостасуваат, а потоа се прави и зајакнување на целите листови. Ако имаме зачувана кожна корица таа се реставрира и се враќа на оригиналот, ако корицата е оштетена се раставрира оној дел што може да се зачува, а се прави нова кожна корица на која се нанесува остатокот од старата.“

Restauration in der Volks- und Universitätsbibliothek Skopje
Вредните ракописи се заштуваат исклучиво рачноФотографија: Antoanela Dimitrievska

Целото старо ракописни книжевно културно богатство да се заштити на едно место

Деновиве НУБ „Свети Климент Охридски“ покрена иницијатива до Министерството за култура, за што има и согласност од министерката Елизабета Канческа Милевска, се‘ што има статус на книжевно културно добро во Македонија да се собере, заштити и зачува на едно место. „НУБ има најсоодветни услови за тоа, а и обврзана е со Законот за заштита на книжевното културно наследство. Каква е состојбата на старите ракописи во другите институции во Македонија, за тоа треба да направиме истражување. Ние кога ќе ги собереме кај нас, ќе им ја гарантираме сопственоста на делата на институциите од кои сме ги зеле на чување. Целта ни е да ги собереме на едно место старословенските ракописи и ракописни книги и соодветно да ги реставрираме и заштитиме како едно од најголените богатства на Македонија“, потенцира Бошески.