1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија има проблем со тероризмот!

Горан Петрески2 мај 2012

Аналитичарите подолго време предупредуваат дека во Македонија дејствуваат екстремистички групи. Сметаат дека е неопходна сеопфатна регионална полициска акција за ефикасна битка со тероризмот.

https://p.dw.com/p/14nlt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

По 24- часовен распит во полиција 20- те уапсени денеска беа изведени пред истражен судија. Полицијата ги сомничи за убиство на петте рибари кај селото Смиљковци и за тероризам. Според изјавата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска уапсените се следбеници на радикалниот ислам. Некои од нив војувале на боиштата во Аганистан и Пакистан против силите на НАТО. Јавноста е во очекување на нови детали за вчерашната полициска акција.

Трајанов: Групата е поврзана со случувањата на Косово

Аналитичарите кои ги анкетираше Дојче Веле предупредуваат дека групата не делувала локално само во Македонија и на целата акција и даваат поширок, регионален контекст. Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов смета дека е непходна полициска акција и во соседството за да се неутрализираат опасните групи во регионот.

Gordana Jankuloska
Министерката за внатрешни работи Гордана ЈанкуловскаФотографија: MIA

„Сигурно дека тука се мешаат две работи, дека се испреплетени две работи, екстремизам поврзан со косовските состојби и верскиот фанатизам. Инаку, повеќе експерти и познавачи на состојбите, долго време предупредувавме дека во Македонија има екстремизам, има фундаментализам, има групи кои делуваат во скопско, кумановско, Липково и тн. Јас верувам дека службите имале информација за раздвижување во државата“, објаснува пратеникот Трајанов, чија партија, Демократски сојуз е дел од владечката коалиција.

Наумов: Македонија има голем проблем

Поранешниот шеф на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов вели дека Македонија има сериозен проблем со тероризмот ако сознанијата изнесени на полициската прес- конференција се веродостојни на состојбата на теренот.

„Ако е се’ тоа точно, ако е целата изјава веродостојна на тоа што вистински се случувало на теренот, тогаш целото ова по дефиниција личи на организирана терористичка ќелија на одредена радикална исламистичка организација. Ако оваа констатација не е избрзана, ако сето тоа е така, тогаш морам да ви кажам дека Македонија има сериозен, голем проблем“, вели Наумов.

Во операцијата под оперативно име „монструм“ што се случи вчера утрото учествувале голем број полициски службеници кои извршиле претрес на 26 објекти. Полицијата пронашла поголема количина на оружје и литература што ги поврзува уапсените со верскиот фанатизам.

Петкратното убиство на младите рибари кај железарското езеро што се случи на 12 април во пресрет на најголемиот христијански празник- Велигден предизвика тензии во земјата која пред 11 години мина низ меѓутенички конфликт.