1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија има реална шанса за исчекор во европските интеграции

13 октомври 2009

Македонија не може петта година по ред да остане без почеток на преговори со ЕУ, или барем препорака, оценуваат европските дипломати. Брисел, во извештајот, сепак нема да може да не го спомене спорот со името.

https://p.dw.com/p/K4xU
Комисијата на ЕУ во БриселФотографија: AP

Македонија го доби кандидатскиот статус во декември 2005-та. Амбицијата и надежта на Европската комисија беше преговорите да започнат веќе наредната година.Но, настаните во Македонија не овозможија позитивен чекор напред, потсетуваат дипломатите.

Во 2006-та и 2007-та година, се случи бојкотот на собранието од страна на тогаш опозициската ДУИ, а политичкиот дијалог како помеѓу партиите, така и помеѓу институциите беше на незавидно ниво. Инциденти и тепачки имаше во собранието, комуникацијата на релација претседател-премиер исто така беше заглавена.

Во 2008-та, се врати надежта за напредок кон ЕУ. Во март, европскиот комесар за проширување Оли Рен, во Скопје ги презентираше осумте бенчмаркови кои требаа да доведат до добивање почеток на преговори. Но, предвремени избори кои однесоа еден живот ја уништија можноста за старт на преговори таа есен.

Можност за напредок

Овојпат за првпат од кандидатскиот статус, Македонија има реална можност да направи огромен напредок во европските интеграции и да се одвои од останатите соседи.

Mazedonien EU Fahnen
Македонија и ЕУФотографија: AP

Дипломатите во Брисел велат дека на премиерот Груевски преговорите со ЕУ и визната либерализација несомнено ќе му донесат многу поени пред јавноста. „Досега Владата беше повеќе фокусирана на економијата отколку на европската агенда, но со светската криза и лошите изгледи за македонската економија во наредните месеци, јасно е дека Владата во Македонија има потреба од европските успеси“, коментира за Дојче веле, висок дипломат во Брисел.

Од друга страна, Европската комисија не може да си дозволи да остави една земја со статус на кандидат пет години, а да не преземе ништо. Ова претставува пораз и за Брисел, сметаат функционерите во Европската комисија. И самиот Оли Рен има потреба да покаже дека ресорот проширување го води успешно, сега кога завршува неговиот мандат. Така што препораката за старт на преговори со Европската унија е речиси обезбедена. Но Брисел нема да може, а да не го спомене спорот за името утре (14.10.09) во долгоочекуваниот извештај за напредокот на Македонија. Препораката на ЕК потоа треба да биде усвоена од страна на советот на министри. Тоа не може да се случи без значаен напредок во преговорите за името, велат грчки дипломатски извори. Атина нема и не може да прифати почеток на преговори со Македонија без решавање на спорот, па дури и со промената на власта таму.

Откако ќе пристигне добрата вест утре дека Европската комисија за Македонија препорачува почеток на преговори за членство, дипломатите во Брисел се надеваат дека тоа ќе биде и охрабрување за Владата на Груевски да прифати компромис за името.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема