1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија има чешка поддршка за влез во ЕУ и НАТО

СН/ЕМФ/миа29 март 2012

Чешкиот министер за надворешни работи Шварценберг по средбата со македонскиот колега Попоски во Прага ја истакна добрата подготвеност на Македонија во интеграцискиот процес.

https://p.dw.com/p/14Ujp
Чешкиот министер за надворешни работи Карел ШварценбергФотографија: picture-alliance/ dpa

Македонија денеска уште еднаш доби поддршка за влез во НАТО и во ЕУ од Чешката Република. Пораката од Прага ја упати чешкиот министер за надворешни работи Карел Шварценберг од прес-конференцијата што се одржа по средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, јави новинската агенција МИА.

„Односите меѓу Македонија и Чешка се многу добри. Се интересираме многу за земјата и за нејзините соседи и интеграцијата во НАТО и ЕУ и ја поддржуваме нивната интеграција“, рече првиот чешки дипломат.

Неодамна земјата го започна високиот дијалог со ЕУ, додаде тој, и се покажа колку добро Македонија е подготвена.

„Верувам дека со разговорите со Грција се на добар пат и кога ќе се реши спорот со името ќе бидеме среќни да и посакаме добредојде на Македонија во НАТО и во ЕУ“, рече Шварценберг.

Шварценберг: „Македонија е на добар пат“


Во однос на членството на Македонија во НАТО и претстојниот Самит во Чикаго, одговарајќи на новинарско прашање тој истакна дека не е потребен самит за да биде дадена покана за членство.

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien
Шефот на македонската дипломатија Никола ПопоскиФотографија: Petr Stojanovski

„Тоа може да се направи на амбасадорско ниво на Северноатлантскиот совет“, рече чешкиот министер за надворешни работи, потсетувајќи дека самитот во Чикаго не е за проширување, туку дека сојузниците се договориле да разговараат за други прашања.

И покрај економската криза, како што рече Шварценберг, Македонија е на добар пат. На средбата денеска станало збор и за економската соработка помеѓу двете земји.

Чешкиот министер за средината на април ја најави посетата на премиерот Петр Нечас, кој во Македонија ќе допатува со бројна бизнис делегација. „Економската соработка е добра. Нашата взаемна трговија се зголемува“, изјави Шварценберг.

Македонскиот министер за надворешни работи Попоски ја истакна важноста за влез на земјата во НАТО и во ЕУ.
„Македонија ја цени чешката поддршка за остварување на стратешките цели – членство во НАТО и во ЕУ“, рече Попоски.
Земјата ги исполни критериумите за членство во НАТО и во ЕУ, а за тоа, како што истакна Попоски, потврди и пресудата од Хаг. Македонија, посочи тој, веќе е третирана како членка на Алијансата, а во однос на ЕУ има многу позитивни сигнали со отпочнувањето на високиот дијалог со ЕК. Во таа насока, рече, од особено значење е регионалната соработка.
Постојаноста на политиката на проширување е многу важна, додаде тој, и „ние веруваме дека нашиот труд ќе биде вреднуван“.