1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Бугарија работат на Договорот за добрососедство

ЖА/миа13 декември 2013

Создадена е политичка клима, но сѐ уште не е стигната фазата на потпишување договор, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин по средбата со македонскиот колега Никола Попоски во Софија.

https://p.dw.com/p/1AZRb
Фотографија: DW

Продолжуваат разговорите за склучување договор за добрососедство и соработка. Создаваме неопходна политичка клима за тие да завршат успешно, но се уште не сме дојдени до фазата на потпишување, изјавил бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин по денешната средба во Софија со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

„Продолжуваат обидите да се усогласиме, што е најважно. Има желба од двете страни да се направат неопходните компромиси“, рекол Вигенин.

На средбата со Попоски, станало збор за билатералните односи, а во контекст на договорот за добрососедство биле разгледани некои принципиелни прашања, како и за формулациите што треба да бидат користени во документот, пренесува бугарската новинска агенција БТА.

Прашан кои се спорните прашања за кои се‘ уште нема согласност, Вигенин одговорил дека едно е поврзано со текст од Уставот на Македонија, за што Бугарија бара гаранции дека не е основа за мешање во нејзините внатрешни работи. Друго прашање е поврзано со јазиците на кои треба да биде потпишан договорот, иако според Вигенин, тоа е техничко прашање и би можело да се искористи формулацијата што и досега е употребена, односно договорите се потпишуваат на македонски јазик според Уставот на Македонија и на бугарски според Уставот на Бугарија. Третото спорно прашање е поврзано со најчувствителната тема - историјата, навел Вигенин, додавајќи оти тука и двете страни имаат одредени погледи како може да се излезе од ситуацијата и да се постигне историјата да не биде причина за поделби, туку за обединување. Акцент на средбата бил ставен на европската перспектива на регионот, која, како што истакнале двајцата министри, може да биде реалност само преку отворен дијалог и соработка, меѓусебно почитување и фокус на взаемниот интерес.

И проектите за билатерална соработка кои се иницирани и треба да се реализираат помеѓу Македонија и Бугарија во делот на инфраструктурата, транспортот, животнта средина, како и во делот на европското законодавство, биле темите на кои денеска во Софија разговарале македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и Кристиан Вигенин.

„Тоа што го имавме како комуникација води во насока на засилена соработка и реализација на што е можно повеќе билатерални проекти, кои се значајни за граѓаните од двете страни на границата“, изјави за МИА министерот Попоски.

Ваквата клима и јавната поддршка за продолжување на процесот на евроинтеграции на Балканот во Бугарија, како што вели Попоски, претставуваат на некој начин охрабрување за понатамошната соработка.

Министерот Попоски за време на посетата на Софија одржал средба со Комисијата за пријателство со Република Македонија на Собранието на Република Бугарија, на која се разговарало за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете држави на парламентарно ниво.

„Во рамки на средбите беа реафирмирани иницираните активности од сите области на соработка меѓу двете земји, особено Коридорот 8, по потпишувањето на Протоколот меѓу министрите за транспорт на двете држави, потоа отворање гранични премини и одржување на претстојниот Бизнис форум, наредната година во Република Македонија. Кон остварување на заедничките проекти, особен придонес дадоа скорешните интензивни контакти на ресорните министри на Република Македонија и Република Бугарија“, соопшти МНР.

За време на посетата министерот Никола Попоски одржал предавање пред Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Република Бугарија на тема: Пред и по пристапувањето, научени лекции и добрите практики за земјите кандидати за членство во ЕУ.