1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Србија ќе го надградуваат пријателството

ЖА/макфакс/миа27 јануари 2014

Пријателските односи меѓу Македонија и Србија се потенцијал кој треба да се надоградува, се согласија на средбата во Скопје премиерите на двете земји, Никола Груевски и Ивица Дачиќ.

https://p.dw.com/p/1Axbk
Фотографија: Makfax

Добрите пријателски односи меѓу Македонија и Србија се базирани на заемно почитување, водење добрососедска политика со заложба за искористување на економските потенцијали кои стојат на располагање меѓу двете држави, констатираа премиерите Никола Груевски и Ивица Дачиќ, на средбата синоќа во Скопје (26.01.2014), каде што претседателот на српската влада присуствуваше на свечената академија по повод празникот Свети Сава.

„Соговорниците се согласија дека динамизирањето на контактите ќе придонесе за соработка на различни полиња и реализација на конкретни проекти, а со цел заедничко напредување на перспективата на целиот регион, особено кон исполнување на стратешката цел за европска интеграција“, информираа од секторот за односи со јавност при Владата на Република Македонија.

Премиерот Груевски истакнал дека заедничката посветеност кон реализација на стратешките цели и економскиот развој отвора нови перспективи и овозможува помирување и затворање на отворените прашања од минатото во целиот регион.

Во овој контекст, се додава уште во соопштението, успешната регионална соработка која може да се забележи на повеќе конкретни полиња, и пред сѐ манифестирањето на добра политичка волја од двете страни, е уште една потврда за развојот на односите меѓу двете држави и прифаќањето на европските вредности.

Македонскиот премиер потенцирал дека двете држави имаат интерес и можности за искористување на потенцијалите во повеќе сфери од заеднички интерес, како што е економијата, особено инвестициите и развојот на трговската размена, претприемништвото, прекуграничната соработка и културата.

На средбата, Груевски истакнал дека и двете држави посветено работат на создавање на поволни услови за инвестициски напредок и привлекување на што е можно повеќе капитал кој би значел отворање на нови работни места.

„Истовремено, може да се најде и заеднички интерес во неколку значајни проекти од инфраструктурен карактер кои би придонеле за интензивирање на соработката“, се истакнува во соопштението на Владата.

Премиерот Груевски посочил дека и двете држави ќе продолжат со искористување на заедничките искуства во реализација на евроатланските интеграции, останувајќи посветени на тој процес како суштествено важна цел и за целиот регион.

Во поглед на потенцијалите за развој на меѓусебната соработка, премиерот Груевски истакнал дека српската заедница, како досега, така и во наредниот период има свој активен придонес во почитувањето и ширењето на ваквите вредности и цели.

Премиерот Дачиќ истакнал дека односите меѓу двете држави се на највисоко ниво, поздравувајќи го нивното интензивирање, како добар пример за развој на односите меѓу две соседни држави.

Според Дачиќ, постојат добри примери и мерки кои се применуваат во Република Македонија и значително искуство, кои може да се искористат и применат во други полиња надвор од државата. Тој посочил дека разговорите за повеќе проекти од заеднички интерес покажуваат оти и натаму постои решеност за унапредување на билатералните односи на сите нивоа.