1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Турција ги зближува заедничкиот противник - Грција

Б. Георгиевски/фац/нцц24 јули 2013

ФАЦ донесува интервју со шефот на македонската дипломатија Попоски, додека швајцарскиот НЦЦ ја коментира блискоста на македонските власти со владата на Ердоган во Анкара.

https://p.dw.com/p/19DeJ
Фотографија: Petr Stojanovski

Последниот предлог на медијаторот Нимиц е добра основа за наоѓање решение за спорот за името со Грција, но Атина не сака официјално да одговори на него, тврди во разговор за Франкфуртер алгемајне цајтунг шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Попоски вели дека Македонија досега покажала голема флексибилност во спорот со Грција, набројувајќи ги промената на Уставот, знамето, приемот под привремената референца во ОН, но Грција и натаму го блокира членството на земјата во НАТО и ЕУ.

„Имаше и други предлози, како Република Македонија - Скопје, коe ние го понудивме да го ставиме на референдум пред граѓаните, но Грција и тоа го одби. Оттука не може да се каже дека и двете страни се еднакво заинтересирани за решавање на спорот“, оценува Попоски.

Констатацијата на новинарот на ФАЦ дека и Македонија во изминатите години презема чекори кои не можат да се опишат како добрососедски (преименувањето на аеродромот во Скопје, споменикот на Александар), Попоски ја отфрла со образложение дека Меѓународниот суд на правдата веќе оценил дека ваквите чекори не ги загрозиле договорите меѓу двете земји.

„Грција не’ блокираше уште пред да биде преименуван аеродромот и пред да се изгради споменикот. Грците постојано изнаоѓаат изговори за да не’ блокираат. Можеби за некој ден тоа ќе биде и бојата на мојата вратоврска“, вели Попоски.

Шефот на македонската дипломатија понатаму ја отфрла и тезата на новинарот дека „националистичката политика не придонесува за заедништвото во земјата, и ги отуѓува етничките Албанци“.

„Македонските граѓани, поради грчката блокада, имаат чувство дека кон нив се постапува нефер, недемократски и неправедно. Интеграцијата во ЕУ и НАТО нам ќе ни овозможи да се концентрираме на најважните задачи, како што е економијата, внатрешниот пазар и интеграцијата. Кога тоа недостасува, тогаш на површина излегуваат сите можни разлики од културен, етнички или верски карактер. Постојат луѓе кои се обидуваат да го искористат тоа“, вели македонскиот шеф на дипломатијата.

Der mazedonische Außenminister Nikola Poposki in Berlin
Никола ПопоскиФотографија: DW/Silvera Padori

Попоски прифаќа дека настаните од 24 декември во Собранието не биле добри за демократијата во земјата, но тоа го објаснува со процесот на учење.

„Не бев горд на тоа како некои пратеници се однесуваа за време на тие настани. Но, тоа е процес на учење. Ние сме млада демократија. Мораме повеќе да сториме за да изградиме една култура на почитување на различното мислење и на различните култури. Охрабрувачки е тоа што ние успеавме за кратко време, во демократски дух да дебатираме за различните позиции. Тоа го препозна и Европската комисија и затоа петта година по ред ни го потврди статусот на земја-кандидат“, вели Попоски за ФАЦ.

Македонското срце чука за Ердоган

„Нашето срце чука за Ердоган, а срцето на Ердоган чука за нас“, ја пренесува во својот коментар изјавата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, швајцарскиот весник „Ноје Цирхер цајтунг“ (НЦЦ).

Türkischer Ministerpräsident Erdogan und mazedonischer Ministerpräsident Gruevski in Skopje.
Турскиот и македонскиот премиер Реџеп Таип Ердоган и Никола ГруевскиФотографија: MIA

Во протестите во Турција прстите ги вмешаа сили од странство и оттука реакцијата на Ердоган беше во целост оправдана, објаснуваше натаму македонскиот претседател. Со брзина на светлоста, турските агенции ја пренесоа веста за солидарноста која доаѓа од Европа. Но, оваа поддршка на прв поглед изгледа чудно. Во крајна линија христијанското балканско население има лоши сеќавања на владеењето на Османлиите. Од каде тогаш полетаа македонските срца толку лесно во правец на исламската власт во Анкара, се прашува коментаторот на весникот.

Забележувајќи дека во Македонија во последно време се поретко се споменува терминот „турско ропство“, авторот го наведува и заедничкото одбележување на значајни личности од историјата, како творецот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

„Но, всушност постојат многу помалку историски, а далеку повеќе актуелни причини за меѓусебните симпатии на малата балканска држава и големата Турција. Она што Македонија и Турција навистина ги поврзува е заедничкиот сосед и противник - Грција. Традиционално заострените односи меѓу Анкара и Атина во Македонија се огледаат низ 20-годишниот спор за името на државата. Единствениот позитивен резултат од овој троен однос е обновата на османлиските споменици во Македонија“, заклучува авторот Андреас Ернст.