1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија меѓу земјите со најмногу судии во Европа

25 октомври 2010

Македонскиот правосуден систем се наоѓа во европскиот просек - ваков заклучок може да се извлече од извештајот за ефикасност на правосудните системи во Европа, изработен од Европската комисија за ефикасност на правдата.

https://p.dw.com/p/Pmj3
Според многу параметри, македонскиот правосуден систем е во европскиот просекФотографија: Petr Stojanovski

Извештајот на Европската комисија за ефикасност на правдата која работи при Советот на Европа, денес (25.10.2010) е објавен во Стразбур и има за цел да им дозволи на земјите да се споредуваат со другите, со цел да ги подобрат нивните правосудни системи.

Документот долг 423 страници е збир на статистички податоци за правосудните системи во 45 европски земји, за материјалните и човечките ресурси, буџетите, алтернативните начини за решавање на судските спорови, траењето на процедурите и.т.н.

Објавените податоци се однесуваат на ситуацијата во 2008 година. Само Германија и Лихтенштајн не доставија податоци до Стразбур.

Проценка на правосудните системи во Европа

Стефан Лејенберже, Секретар на Комисијата за ефикасност на правдата, појаснува:

Mazedonien Justiz Appellationsgericht
Македонија е во групата на 10 земји кои годишно најмалку издвојуваат за правдатаФотографија: Petr Stojanovski

„Целта на извештајот е да се направи проценка како функционира правосудниот систем во земјите членки на Европа врз компаративна основа, што ќе им дозволи на земјите членки да се споредуваат една со друга.“

Тој, притоа, предупредува дека сé не може да се споредува и дека не смеат да се извлекуваат избрзани заклучоци и анализи.

Македонија, на пример, е во групата на 10-те земји кои годишно најмалку издвојуваат за правдата - помалку од 5 евра на жител. Македонија издвојува само 2,4 евра, далеку зад Босна и Херцеговина која издвојува 5,8 или Црна Гора - 8,1 евра. Сепак, земјата процентуално од својот бруто домашен производ за правдата издвојува 0,8%, со што таа наоѓа во европскиот просек.

Европската помош за правосудството го подобри функционирањето на судовите

Интересно е дека земјите кои користеле европска помош, посебно од ЕУ, за подобрување на функционирањето на правната држава, автоматски ги зголемуваат буџетите на нивните судови. Тоа се гледа во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Mazedonien Justiz Akte
На пресуда во случаите на граѓански парници, во Македонија се чека просечно 224 денаФотографија: Petr Stojanovski

Пристапот на граѓаните до правдата се мери и со судската помош која тие ја добиваат за да ги остварат нивните права. Така, за судска помош се издвојуваат 0,9 евра по жител, додека европскиот просек е 1,7 евра. Комисијата смета дека ова е позитивна тенденција, иако таа помош е тешко да се измери бидејќи се наоѓа во заедничката буџетска маса на судовите за сведоците и други трошоци. Судска помош во Македонија просечно искористиле 141,3 од 100.000 граѓани, со просечна вредност од 614 евра за еден предмет.

Судиите во Македонија не заработуваат лошо во споредба со просечната плата

Македонија има 98 акредитирани судски медијатори, 659 професионални судии, или 32,2 судии на 100.000 жители, што ја вбројува во земјите каде тој просек е највисок. Во 2006 година, просечно, имало 30,6 судии на 100.000 жители. За секој од судиите просечно работат 3,4 лица во судовите, односно речиси двојно повеќе од европскиот просек, или 110,1 на 100.000 жители. За ист број на жители во Македонија има просечно 92,9 адвокати, односно 10 повеќе во споредба со претходниот извештај. Македонија е меѓу земјите рекордери по бројот на овластени судски преведувачи - 3161, додека во цела Франција, на пример, има само 3000.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Тешко е да се процени колку се задоволни граѓаните од нивните судовиФотографија: Petr Stojanovski

Бруто платата на судиите е за 3,3 пати поголема од просечната плата во Македонија, а таа на обвинителите за 2,7 пати, што е над европскиот просек.

Македонија се вбројува меѓу земјите со највисок процент на персонал во судовите кој е задолжен да им помага на судиите - 84,1% од сите вработени. Повеќе има само во Турција и Португалија.

Македонија е меѓу ретките седум земји кои доставија бројки за отсуството или застапувањето на обвинетите во кривичните постапки при носењето на пресуди во првостепените судови. Имено, 4,5% од пресудите се во отсуство на обвинетиот.

Судството станува поефикасно

Од последната студија на Советот на Европа се гледа дека македонското судство станало поефикасно - ако во 2006 година на 100.000 жители се решавале 2230 предмети, две години подоцна таа бројка е 2695. Истовремено, во процедура влегуваат 2316, две години порано таа беше 2248. Македонија е меѓу земјите со голем број предмети поврзани со управното право, просечно 254 на 100.000 жители.

На пресуда во случаите на граѓански парници, во Македонија се чека просечно 224 дена. За споредба, најмалку се чека во Србија - 20 и најдолго во Малта 889 дена, а просекот во Европа е 282 дена. За развод на бракот постапката во Македонија трае 136 дена, а во Европа просекот е 228 дена.

Во Стразбур се признава дека е тешко да се процени колку се задоволни граѓаните од нивните судови. Тоа досега не може ефикасно да се измери.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска