1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија може да заработува на заштита на климата

21 март 2010

Македонија, како потписник на меѓународниот „Кјото-протокол против климатските промени“, презеде обврска, но и конкретни активности, да го намали количеството од 14 милиони тони јаглероден диоксид и други гасови.

https://p.dw.com/p/MYXi
Неискористени можности за остварување добивкаФотографија: dpa

Борбата против климатските промени и за намалување на испуштањата на јаглеродниот диоксид во атмосферата од индустријата, автомобилите и од други извори е приоритет на се‘ повеќе држави и меѓународни организации и форуми во светот. Во македонското министерство за животна средина се наоѓаат во различна фаза на изготвување девет проекти според таканаречениот „Механизам за чист развој“, произлезен од меѓународниот „Кјото“ – протокол за заштита од климатските промени.

Според министерот за екологија Неџати Јакупи, „македонската економија треба да го темели својот развој врз еколошки устроена и рационализирана потрошувачка на енергија“.

Од биомаса и шумски отпад – еколошки чиста енергија

Во овој контекст тој дополнува:

„Во овој претпристапен период, и до започнувањето и по започнувањето на преговорите за зачленување во Европската унија, енергетската ефикасност ќе биде еден од главните приоритети на Владата, но и на сите државни институции. Претстои приспособување на македонското законодавство кон законодавството на Европската унија во однос на животната средина. Во овој поглед ќе ги користиме и искуствата на Република Словенија.“

Nedzati Jakupi
Македонскиот министер за екологија Неџати ЈакупиФотографија: Sveto Toevski

Седум милиони евра ќе инвестира фабриката за хартија „Кочани“ во истоимениот град во енергетиката и екологијата. Заменик – управителката Оливера Јорданова вели:

„Проектот ’Од биомаса до енергија’ има за цел да го замени постојниот бојлер, кој работи со мазут заради добивање пареа, потребна заради производството на хартија. Преку согорувањето биомаса , земјоделски отпадоци и дрвен отпад, се очекува значително намалување на емисијата на штетни гасови: таа би се свела приближно на 29.705 тони јаглероден диоксид годишно од постојните повеќе од 30 илјади тони.“

Теодора Грнчаровска – Обрадовиќ, државен советник во ресорното министерство и национален координатор за климатски промени, посочува кои алтернативни енергетски извори ќе се користат во Македонија, како и на одделни проекти:

„Има неколку проектни идеи за рехабилитација на термоцентралата во Битола, проекти за употреба на обновливи извори на енергија – малите хидроелектрични централи, ветровата енергија, геотермалната енергија ... Потоа, претстои изработка на проектна документација за добивање енергија од користењето лозови прачки при производството на биомаса во Неготино. Во фабриката ’Тетекс’ во Тетово е навестено дека ќе се подготвува проект за искористување на шумскиот отпад како енергенс за замена на мазутот и јагленот во котларницата.“

„Македонија произведува 14 милиони тони стакленички гасови годишно“

Наташа Марковска, професорка во Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали во Македонската академија на науки и уметности, изнесува колкаво е сегашното загадување на атмосферата со јаглероден диоксид од Македонија:

„Во Македонија се произведуваат околу 14 милиони тони јаглероден диоксид – еквивалент годишно. Кандидатскиот статус за неа како земја значи дека таа ќе треба да ги применува сите заложби на Европската унија, дека со тоа ќе се наметнат ограничувањата во емисиите на јаглеродниот диоксид, тие да бидат на европско рамниште.“

Д – р Марковска предупредува:

„Ако економијата се развива според некое сценарио, кое не вклучува мерки за намалување на емисиите на јаглероден диоксид и други стакленички гасови, ние би имале 3,6 отсто просечна годишна стапка на пораст на тие емисии. Меѓутоа, ако во развојните планови се вклучат и мерки за смалување на испуштањата на тие гасови, тогаш стапката од 3,6 отсто може да се сведе на 1,4 проценти годишно.“

„Когел - Север“ – „првата ластовичка“ што ќе тргува со „јаглеродни кредити“

За неколку месеци треба да стартува со работа 20 милиони евра вредната инвестиција во гасната централа „Когел – Север“, лоцирана во комплексот на „Рудници и железарница“ во Скопје. Оваа когенеративна централа ќе произведува електрична и топлинска енергија од природен гас. Ќе се зафаќа и отпадната топлина од работењето на постројките. Сета таа топлина ќе се дистрибуира до „Топлификација“ во главниот град за затоплување на домовите и јавните објекти. Како прв проект во Македонија и во регионот, целосно изведен согласно со „Механизмот за чист развој“ од „Кјото – протоколот“, оваа гасна централа ќе заработува годишно околу 1 милион евра и од продажбата на така наречените „јаглеродни кредити“.

Александар Гечовски, директорот на „Когел – Север“ одговара на прашањето, што значи ова?

Symbolbild Klimaschutz Klimawandel Kosten Euro
Фотографија: Picture-Alliance /dpa/DW

„Ние би требало да имаме годишно за околу 90 илјади тони намалено производство и испуштање на јаглероден диоксид. Е, сега, има пазар, на кој фирмата ’Камко’ од Австрија ќе биде наш брокер и ќе ги продава овие сертификувани, потврдени намалувања на емисии на јаглероден диоксид во атмосферата на некоја фирма, на пример, на некоја термоелектрана во Германија, според цени што ќе бидат во моментот на пазарот. Таа странска фирма мора законски да го намали своето производство на јаглероден двооксид за одреден процент, но и која нема можност тоа да го оствари. Таа термоелектрана има економски мотив за таа година да ги откупи овие количества на редуциран јаглероден доиксид. Практично, ова значи дека таа ги купува од нас правата да емитува јаглероден диоксид.“

Македонија, како потписничка на „Кјото – протоколот“ од продажбата на овие „јаглеродни кредити“ - сертифицирани кредити за редукција на емисиите на јаглерод диоксид, односно на потврдените намалувања на испуштањата на јаглероден диоксид и други стакленички гасови во воздухот, би можела да заработува, според одредени проценки, од 24 – 36 милиони евра годишно. Меѓутоа, овие активности, кои се предмет на интензивни бизниси во светот, вредни стотици милиони евра, во Македонија се наоѓаат само во иницијална фаза. „Когел - Север“ ќе биде „првата ластовичка во тоа јато“, првата македонска компанија што добива можност од Обединетите нации да тргува со јаглерод диоксид и да заработи од тоа. Меѓутоа, засега во земјата има само мал број експерти кои можат да и‘ помогнат на индустријата со свои советодавни услуги во оваа област.

Исто така, според убедувањата на експертите, со конкретната примена на „Механизмот за чист развој“ низ проекти и еколошка технологија во компаниите за намалување на емисиите на стакленички гасови, Македонија би можела да започне да добива и суми мерени со десеттици милиони евра годишно од фондот од 7,2 милијарди евра, кои Европската унија ги издвојува за борба против климатските промени и глобалното затоплување.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска