1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија може да профитира од германското високо образование!

26 октомври 2010

Двајца македонски студенти со крупни чекори напредуваат во нивните студии во Германија. Како се студира денес во оваа земја и што е различно од високото образование во Македонија?

https://p.dw.com/p/PjnX

Студираме ли во Европа? Нема ден без ова прашање меѓу студентите во Македонија. Кој заглавил во метежот на Студентски прашања, кој не нашол место во преполниот амфитеатар. Додека медиумите наголемо сервираат информации за успехот на Болоњската декларација во Европа, високото образование во Македонија мака мачи со реформите од Болоња. Заглавени во средина со укочена бирократија и старомодна фактографија, мнозинство од македонските студенти чувствуваат како целата нивна приказна, бездруго, се сведува на образование од навика. Од друга страна, германските високообразовни институции неретко се земаат како пример за добро организирана наставно-научна работа, а и за волја на вистината, голем е бројот на студенти од Македонија кои имале шанса да студираат во Германија, дали преку студентска размена, стипендија или едноставно со поддршка од семејството.

Динамика преку практична работа

Aleksandar Simoski Student an der Business and Information Technology School Iserlohn
Александар СимоскиФотографија: Dalibor Stajikj

Александар Симоски е студент во втора година на приватниот Универзитет за бизнис и информатичка технологија во Изерлон, во покраината Северна Рајна Вестфалија. Александар укажува дека разликата меѓу високообразовните системи на двете држави е повеќе од очигледна: „По една година, мислењето што сум го имал за Германија ми е навистина подобрено, а и од академска гледна точка научив многу корисни нешта од областа на економијата, за кои мислам никогаш немаше да ги научам во Македонија.“

За Александар особено важен аспект е практичната работа со која студентите навреме добиваат увид во работните обврски од нивната професионална област: „Во мојата наставна програма е предвидена пракса уште по првата година, во траење од три месеци, па така, навистина е интересно уште на оваа рана возраст да се види разликата - што е теорија, а што практика.“

Добрата комуникација е пресудна

Неда Петреска е речиси две години на постдипломски студии по софтверско инженерство на Техничкиот универзитет „Рајна-Вестфалија“ во Ахен. Задоволна од организацијата на наставата на универзитетот, таа ја потврдува важноста на комуникацијата меѓу студентот и професорот: „Во принцип сум многу задоволна од овдешните професори; убаво и детално предаваат, на разбирливо јазично ниво и секогаш се подготвени да одговорат на прашања пред, за време и по предавањата.“

Neda Petreska DAAD Stipendiatin Software System Engeneering Student RWTH Aachen
Неда ПетрескаФотографија: Dalibor Stajikj

Неда припаѓа на првата генерација студенти во Македонија кои учеа според Европскиот кредит трансфер систем. Тогашното искуство ја натерало да се почувствува како лабораториско глувче врз кое се вршат експерименти, но укажува дека секој почеток при воведување нов систем е тежок. Во првиот момент, според неа, луѓето не можат најдобро да се справат со проблемот, а забележала дека и во Германија постои незадоволство од воведувањето на новите студиски циклуси: бачелор и мастер.

Неда вели дека еден од трендовите кои придонесуваат за успех на студентите во Германија е редовното организирање професионални работилници и саеми за работа со кои на студентот му се дава можност да ја контактира индустријата, да се информира какви работни места се нудат и што конкретно се бара од студентите.“

Татковината не се заборава

Неда и Александар се само дел од успешните млади Македонци чиј животен пат минал низ Германија. На прашањето дали по завршувањето на студиите би се вратиле во татковината, двајцата препуштаат иднината да работи во нивна полза, иако радо би придонесле кон успешната приказна на Македонија. Александар е уверен дека и Македонија може да профитира од студенти кои го завршиле своето образование во странство, бидејќи имаат одреден капацитет со кој во таа држава би се стремеле кон инвентивни решенија за проблемите и би постигнале голем успех. Надежта за успешна кариера, без разлика во која земја, останува водилка за овие млади луѓе. За нив допрва ќе се чуе!

Автор: Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска