1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - „мртов агол на Европа“

Зоран Јордановски/шпигел23 декември 2013

Германскиот магазин „Дер Шпигел“ во најновото издание му посвети обемен прилог на македонскиот писател Влада Урошевиќ, а онлајн-изданието на „Шпигел“ објави репортажа за телевизија Шутел.

https://p.dw.com/p/1AfFf
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во мртвиот агол на Европа македонскиот писател Влада Урошевиќ во изминатите децении создаде голем опус“, констатира магазинот „Дер шпигел“ во текстот под наслов „Зад седум планини“. За Урошевиќ во текстот на Елке Шмитер се вели:

„Во европската литература 79-годишниот Македонец веќе одамна изгледа како суштество од бајките, космополитски надреалист зад седум планини, дисидент на реализмот, лиричар, есеист и романсиер, од кого сега може на германски јазик да се чита првата книга од едно големо творештво („Братучетка ми Емилија“, н. з.).

(...) Се чини дека тој полесно може да поднесе што неговата земја одвај да ја вбројуваат во културата на Европа, отколку за 52-годишната Вана (ќерката на Урошевиќ, н.з.), која не можеше без проблеми да отпатува дури ни во Венеција на подготовките на македонскиот павилјон за Биеналето. Во животот на нејзината генерација се случи лизгање на земјиштето: Скопје веќе не е самопосебе разбирливо дел на една Европа помеѓу Виена и Будимпешта, Белград, Париз и Берлин.

Наместо тоа, се егзистира во мртов агол, во една пропадната, многу мала економија на маргините на западниот свет.

(...) Национално ориентираната влада - чии министри радо прифаќаат да бидат поучувани од фондацијата Конрад Аденауер - го доведе главниот град на балканската земја во царството на имагинарното. (...) Владата го опреми полумилионското Скопје со споменици како од каталог на Плејмобил, за да исмисли минато кое е толку достоинствено и славно, и со владини објекти чија гротескна предимензионираност раскажува за империјални соништа.“

Враќајќи се на творештвото на Урошевиќ, во написот се вели дека тој не можел „да очекува дома да прави кариера, за тоа бил премногу идеолошки несигурен“ и ги пренесува неговите зборови дека „не би можел да пишува никаде на друго место“. Во неговото творештво „не владеат законите на реалноста, туку оние, на силата на поетската фантазија. (...) Во една од неговите песни станува збор за архиви во кои има празнини, ’и никој нема време да ровари низ нив‘. Неговата литература ги пополнува празнините, кои непрестано настануваат во меморијата на Европа, со убавина и спомени“, се вели на крајот од текстот во „Дер Шпигел“.

„Охрабрувач од сламот на Ромите“

Roma Mazedonien
Населбата Шутка во СкопјеФотографија: DW/K. Blazevska

„Шпигел онлајн“ објавува репортажен запис од Шуто Оризари, за „Шутел ромска телевизија која секојдневно емитува од малиот универзум на Шутка во македонските простори и на интернет. Шутел е гласот на Шутка. Тој дел на Скопје е веројатно најголемата ромска населба во светот; во секој случај една засебна, многу шарена, повремено писклива и понекогаш многу тажна планета. Многу од жителите со задоволство би ја напуштиле, сонуваат за подобар живот во ЕУ-Европа. Има дури и некој вид ’туристичка агенција‘, која своите муштерии го носи во Германија како баратели на азил. Барем така се зборува. Сигурен е резултатот: на крајот доаѓа протерување од целната земја. Ромите во нивната историја ретко кога биле добредојдени. (...)

Ја сметаат за гето. Шутка, освен главната улица, наликува на слам, каков што не би се ни претпоставило дека има во Европа. Шутка е синоним за крајна сиромаштија.

Македонија стенка под товарот на невработеност од околу 30 проценти. Таа квота во Шутка слободно може да се помножи со два. Луѓето таму беа првите што ја почувствуваа светската економска криза. Тие се последните кои денес можат да се надеваат на регуларно работно место.

Џонатан (Димовски, водител на ТВ Шутел, н.з.) често велел во емисијата ’Нова генерација‘: ’Луѓе, образувајте се‘. Но, за тоа прво треба да се добие шанса, перспектива дека со тоа ќе има и работа. Новинарот многу добро го знае тоа и ништо не може да промени со својата програма. Да охрабрат, тоа сакаат сите во Шутел“, се вели, покрај другото, во написот во „Шпигел онлајн“.