1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - најважна земја на која мора да се внимава при решавањето на косовското прашање

Зоран Јордановски7 март 2007

Внатрешната стабилност на Македонија е многу повеќе поврзана со тоа решение, отколку стабилноста на Србија, вели Михаел Мартенс, познавач на Балканот, соработник на угледниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кому неодамна му беше врачена и наградата за новинари на Друштвото за Југоисточна Европа, во интервју за Македонската програма на Радио Дојче Веле.

https://p.dw.com/p/Abyk
Скопје
СкопјеФотографија: DW

Господине Мартенс, како познавач на Балканот, како ја гледате сегашната ситуација во регионот?

Мартенс: Мислам дека имаме двојно тешка појдовна ситуација, оти прашањето за статусот на Косово не го засега само Косово, туку и целиот регион, но и затоа што истовремено е заглавен и таканаречениот процес од Солун. Во 2003-та година, на самитот на ЕУ во Солун, на државите од Западен Балкан им беше ветена цврста европска перспектива. Тоа теориски во принцип се’ уште важи, но практично настапија одредени потешкотии со референдумите во Франција и Холандија, со општата замореност од проширувањето, или како што други велат, исцрпената способност на заедницата за прием. Тоа значи дека колку бргу тие држави ќе бидат примени во ЕУ сега веќе не зависи само од реформите во нив, дури и ако тие ги извршат сите реформи. Тоа , се разбира, ја оптоварува политичката клима и кај реформаторите во државите на западен Балкан.

Може ли решението на косовското прашање да го забрза тој процес?

Мартенс:И покрај тешката појдовна ситуација, всушност сум оптимист. Сметам дека токму Србија може да профитира од едно брзо решение на косовското прашање, оти политичката клима таму со години е затруена од таа фантомска дискусија. Србија со Косово влече едно бреме кое економски не може да го издржи а политички не сака да го носи. Верувам дека во моментот кога ќе се ослободи од тој товар, ќе може своите се’ уште забележливи енергии конечно да ги насочи кон самата себе си и од Србија во наредните години можеби ќе доживееме и некои позитивни изненадувања. Тука сум релативно уверен. Политичката елита во Белград е вистински силна, има и капацитет на управата, кој е во состојба да ги имплементира реформите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација што мора ги спроведе и можеби Србија тогаш многу бргу ќе фати приклучок со Европа.

А како ја гледате положбата на Македонија во овој контекст, во овој политички момент на Балканот?

Мартенс: Страхувам дека внатрешната стабилност на Македонија многу повеќе е поврзана со решението на косовското прашање, отколку на Србија. Знаеме, не кажувам ништо ново, дека во Македонија се наоѓа најголемото албанско малцинство во некоја држава на Балканот. Досега Охридскиот рамковен договор во целост се докажа, но претпоставувам дека најголемата и најтешка проба на докажување ќе дојде во наредните години, пред се’ ако проектот за независно Косово нема така успешно да се одвива, посебно економски, како што некои од косовските водачи сакаат да ги убедат своите избирачи. Едно, се разбира, е јасно: статусот сам по себе нема да донесе економски подем на Косово.

Ќе биде ли можно Косово да остане само поединечен случај или гледате опасност за сличен развој и во други делови на Европа?

Мартенс: Таа дискусија за преседани може да се води на долго и широко. Едно секако е точно: се разбира дека случајот Косово има, односно може да има дејство на преседан и за други региони не само во директната околина, туку и сосем оддалечени. Но, битно ќе зависи од тоа дали ЕУ и по решението за статусот се подготвува многу интензивно и сериозно да се ангажира во регионот. Доколку не го прави тоа, тогаш навистина страхувам дека ќе можеме да доживееме непријатни консеквенции. Од ЕУ и натаму, во иднина се очекува повеќе од било кога порано.

Ќе биде ли воопшто можно да останат две албански држави на Балканот и долгорочно?

Мартенс: Тоа е добро прашање. За него расправавме и со еден српски пријател седејќи недалеку од Бранденбуршката порта, каде се протегаше границата меѓу двете германски држави, кои сега станаа една германска држава. Политички коректен одговор се разбира, е дека секогаш ќе останат две албански држави, но не знам дали тоа ќе се покаже во политичката реалност по 10-15 години. Мислам дека - ако смее така да се каже - ќе има трка меѓу голема Албанија, и ЕУ – кој ќе биде побрз.

Значи, последиците во моментов се непредвидливи, во едниот или другиот случај?

Мартенс: И јас така верувам, иако западните политичари радо прават така, како да се предвидливи. На Балканот имавме повеќе од доволно примери за тоа дека развојот не може секогаш да се насочува и дека може да земе тек кој нам воопшто не ни се допаѓа.

Во германските медиуми, посебно во време на војните, можеше да се види една шаблонизирана слика за Балканот, или конкретно за Македонија. Сега, кога Вие сте непосредно таму, кога живеете таму, имате ли некаква поинаква слика?

Мартенс: Да, се разбира, при што тоа е слика која веројатно далеку ги надминува рамките на едно интервју. Тука би морало да се напише книга - или повеќе книги, за да се биде достоен на таа комплексност. Секако важи, како и за сите други региони на светот – не може едноставно сето да се наслика црно - бело. Сето е многу покомпликувано и позаплеткано, отколку што некогаш се претставува.

Што проценувате Вие, кога може Македонија да стане член на ЕУ?

Мартенс: Тоа почива врз процесот од Солун за кого веќе зборувавме. За жал, веќе не е како што се чинеше пред неколку години. Тоа веќе не е единствено и исклучиво зависно од реформските напори на некоја држава-кандидат, туку е зависно и од реформските напори на самата ЕУ. Од германското претседателство со Советот на Унијата - секако и од наредните две-три години, откако ќе поминат и изборите во Франција, зависи колку ЕУ, која од земјите-кандидати бара сериозни реформи, може и самата сериозно да се реформира.

Јасно, но една држава од два милиона жители не може да претставува голем проблем за Европа!

Мартенс: Тоа е аргумент кој постојано и со право се изнесува. На пример, Ерхард Бусек, специјалниот координатор на Пактот за стабилност постојано и сосем на место зборува за тоа, дека дури ни сите балкански држави не можат да се подведат под аргументот за исцрпеност од проширувањето, оти станува збор за регион, ако не се смета Турција, со помалку од половина од жителите на една Полска.

Сега нешто сосем лично. Вие веројатно повеќе пати ја посетивте Македонија. Што Ви се допаѓа и што не Ви се допаѓа од она што го видовте во Македонија?

Мартенс: Морам да внимавам да не дадам одговор кој се завлегува во областа на клишеата што со право претходно остро ги критикував. Радо одам во регионот кој и Македонците радо ги посетуваат – во Охрид, во Струга, во други региони, кај манастирите... Она што досега го сметам за пријатно е дека Македонците, можеби затоа што секојдневно се конфронтирани со тоа да им се оспорува нивниот идентитет во сопствената земја и во сите соседни држави, имаат многу сензибилна свест за такви прашања на националноста. Како Германец не сум навикнат на тоа секој ден да морам да докажувам дека постојам таков, за каков се чувствувам. Еден Македонец, еден словенски Македонец, мора тој доказ секој ден да им го поднесува на Грците, делумно на Бугарите, делумно на националистичките Срби, а и на запад има сосед на кого можеби не секогаш сосем му верува. Тој сензибилен однос, забележував секогаш во разговорите, е предност што ги прави Македонците знаќајни, иако ги има во мал број.

Но, Македонија не само географски, туку и според културата, луѓето, спаѓа во Европа?

Мартенс: Се разбира само посебе, за тоа не може ни да се дискутира.

Кои се Вашите наредни планови, која би била Вашата наредна задача?

Мартенс: Како дописник од Балканот? Би сакал во април да ја пропатувам цела Македонија, оти навистина мислам дека најважна земја на која мораме да внимаваме во текот на решавањето на косовското прашање е Македонија, ниедна друга, не Албанија. Секако, важни се сите земји во регионот, од тоа идниректно влијание има и врз Босна, но кон Македонија мора да се насочи најголемото внимание. Во Македонија, за жал, кај албанските партии го има тој феномен, дека партијата која е во опозиција се обидува десно или радикално, како и да се нарекува тоа, да ја претекне онаа која е учесник во владата. Ние мораме да внимаваме целото македонско општество да остане интегрирано.