1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија најмногу тргувала со Германија

СН/жа/мф8 јануари 2014

Македонскиот државен завод за статистика ги објави податоците за надворешно- трговската размена на Македонија во периодот јануари-ноември 2013. година, кои регистрираат раст на обемот на размената во однос на лани.

https://p.dw.com/p/1An3h
Фотографија: DW

Вкупниот обем на Македонија во надворешно-трговската размена со странство во периодот јануари-ноември 2013. година изнесува 9,85 милијарди долари, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во однос на истиот период од претходната година, обемот на трговската размена е зголемен за околу 300 милиони долари.

Притоа е остварен дефицит од 2,11 милијарди долари, што претставува намалување за 135 милиони долари во однос на истиот период лани.

Во наведениот период, Македонија извезла стоки во вредност од 3,86 милијарди долари, додека во периодот јануари-ноември 2012. година извозот бил нешто помал и изнесувал 3,64 милијарди долари.

Благ пораст бележи увозот, кој се искачил на 5,98, од 5,89 милијарди долари во претходната година. Подобрување бележи покриеноста на увозот со извоз, која изнесува 64,4 отсто, наспроти претходно евидентираните 61,8 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други моторни возила за превоз на лица.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија.