1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на ЕП во ракомет во Данска

Златко Калински 17 јуни 2013

Ракометната репрезентација на Македонија со победа над Португалија од 26:19 успешно ги заврши квалификациите, обезбедувајќи учество на Европското првенство во Данска во 2014 година.

https://p.dw.com/p/18qxV
Фотографија: Cristina Quicler/AFP/Getty Images

Во натпреварот со решавачко значење за двете селекции Македонија ја надигра Португалија. Успех со овации поздравен во преполната сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Исклучително тешкиот квалификациски пат македонските ракометари го завршија обезбедувајќи ново учество на Европските првенства.

Селекторот Ивица Обрван вели дека Македонија заслужи одново да биде дел од големата ракометна сцена: „Најтешки се ваквите натпревари кога победата е императив. Одигравме најдобро кога беше најпотребно. Имавме победнички карактер и во Цирих против Швајцарија и во Скопје против Португалија, потврдувајќи дека на Македонија и местото меѓу наjдобрите селекции во Европа. Имавме план во играта, го имавме феноменалниот Ристовски на голот и на крај се' излезе добро со уверлива победа.“

Понесени од извонредниот амбиент, македонските ракометари трпeливо го градеа завршниот успех во квалификациите.

Борко Ристовски одново даде свој придонес во големиот успех. Македонскиот репрезентативен голман вели дека победата со 7 голови разлика не ја дава реална слика за случувањата во играта: „Португалците беа тежок опонент. Постојано не притискаа. Со подеднаква желба за пласман на Европското првенство и тие влегоа во овој решавачки натпревар. Ова е крај на сезоната, не следеа неволји од здравствен карактер, имавме неколкумина повредени играчи. Во секој случај Македонија извојува голема победа во тешки услови“.

Handball Europameisterschaft Mazedonien Tschechien
Ракометарите испишуваат спортска историјаФотографија: dapd

Учеството на ЕП е огромен успех

Оваа генерација ракометари и натаму испишува впечатливи страници од македонската спортска историја. За 4 години обезбеди по две учества на завршниот дел од Светските и Европските првенства. Може ли Македонија да го повтори успехот од последниот Еуропео кога се пласира на 5-то место?

„Европското првенство е најквалитетниот ракометен настан во светот со 16 репрезентации, велесили во овој спорт. Огромен чекор за нас е пласманот за Данска. Погледнете само колку силни селекции не успеава да се изборат за тоа. Македонија има квалитет и тоа постојано го покажува. Но, има играчи кои се во зенитот од својата кариера. Мора да се направи план за подмладување на репрезентацијата. Ако останам селектор на македонискиот тим, токму тоа ќе го предложам,“ истакнува за Дојче веле Ивица Обрван, хрватски ракометен стручњак, кој на последните четири натпревари од квалификациите беше на селекторската клупа на Македонија. Наскоро ќе биде познато дали ќе ја продолжи соработката со РФМ.