1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на патот кон ЕУ и НАТО

Милчо Јованоски 21 февруари 2009

Во Охрид денеска заврши дводневната конференција посветена на евроатланските интеграции на Македонија. И на вториот ден од меѓународната средбата се наметна темата за решавање на спорот околу името со Грција.

https://p.dw.com/p/GylY
ЕУФотографија: European Communities

Во организација на Балканскиот политички клуб во Охрид заврши конференцијата посветена на Македонија и интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО. Учесниците на конференцијата во рамките на дебатата упатија јасни пораки во однос на спорот со името со Грција. Тие сметаат дека земјата треба да направи напор да го реши проблемот. Сите учесници отворено го признаа моралното и политичко право на земјата во врска со спорот со името, но потенцираа дека НАТО, ЕУ и САД сепак порачуваат, Македонија што побрзо да го затвори овој проблем.

Поранешниот премиер на Република Македонија, Љубчо Георгиевски смета дека времето не работи за Македонија. Во однос на проблемот со името Георгиевски истакна дека, тие кои се одговорни треба да го решаваат проблемот: „Луѓето кои денеска се во власта треба да ја преземат одговорноста за решавањето на проблемот со името и конечно да го симнат тоа прашање од дневен ред.“ За да се надмине спорот со Грција за Георгиевски е прифатлив терминот „Северна Македонија“.

Nato-Hauptquartier in Brüssel
Седиштето на НАТО во БриселФотографија: dpa

На конференцијата посветена на Македонија и нејзиниот пат кон НАТО и Европската унија учествуваше и познатиот професор и поранешен диплома, д-р Димитар Димитров. Според него терминот „Северна Македонија“, сепак не е најсреќното решение: „Името е врзано за држава. Грчкиот дел од Македонија е врзан за дел од територија. И не е можно област да се наметне над држава. А со прифаќањето на таква специфика ’Северна’ или ’Горна Македонија’, позицијата на земјата уште повеќе се расипува. Затоа што област од друга држава се наднесува над самостојна држава, меѓународен субјект.“

Меѓународната конференција организирана од Балканскиот политички клуб со седиште во Бугарија изминативе два дена во Охрид собра околу триесетина поранешни и сегашни политички личности од регионот кои дебатираа за иднината на Македонија кон НАТО и ЕУ, но, и за меѓуетничките односи и иднетитети, и за Македонија на Балканот.

За мај во Турција е закажана нова средба на која ќе се дебатира за патот на Турција кон полноправното членство во ЕУ.